Деновиве, во издание на “Македонија Презент“ од Скопје, излезе од печат новата поетска книга “Сега знам“ од Зоран Пејковски. Инаку, Зоран Пејковски е поет, прозаист, драмски автор, театарски критичар и главен и одговорен уредник на неделникот “Јавност“ од Битола.
Неговата поетска книга “Сега знам“ му е посветена на прерано починатиот поет Љубе Цветановски. Стихозбирката содржи вкупно 32 песни поделени во шесте циклуси: “Искушение на животот“, “Твои сонувачи“, “Повторно ќе се вратиш меѓу нас“, “Сакам да ја знам“, “Осветување на темелот“ и “Не барај од мене“.
На крајот од книгата се објавени рецензиите за книгата: “Стихови за болката, вечното и вечноста“ од Панде Манојлов и “Минување низ татнежот на тишината“ од Петре Димовски.
Станува збор за интимна, исповедна и трогателна лирика која читателот воопшто не го остава спокоен и рамнодушен и на најубав можен начин уште еднаш потсетува и го враќа споменот на ликот и делото на истакнатиот поет, прозаист и патеписец Љубе Цветановски.