Во Битола се одбележаа 76 години од депортирањето на евреите од овој град, и освен домаќините, на денешната комеморација „Праведници меѓу народите“ учествуваа и гости од Израел, Германија, САД и други држави.
Делегациите положија цвеќе на Споменикот на депортираните Евреи и бистата на народната хероина Естреја Овадија-Мара, во дворот на Здравствениот Дом во Битола кој од минатата година е именуван според познатиот лекар д-р Хаим Абраванел, а потоа напладне почна комеморативна поворка „Марш на животот“ која од Широк Сокак заврши на Железничката станица во Битола.
Во текот на денот на Еврејските гробишта во Битола се одржа хорско пеење, на влезот во градот е промовиран Сончев часовник кој го изработи скулпторот Мати Грунберг, а на плоштадот „Магнолија“ младите од овој град и нивни врсници од странство ќе приредат специјален светлосен настан во спомен на Еврејската заедница кој го насловија „Патоказ кон помирувањето“.