Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје вечерва (петок, 5 октомври) во Македонската опера и балет свечено ќе одбележи пет години постоење во Македонија.
На свечената програма, на која реч ќе има ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски, на кинеска цитра ќе настапи младата уметница од Кина Лијао Шинран, ќе има модерен танц на кинески теми во кореографија на Леонина Пекеска-Корнети, таи чи чуан во изведба на Здружението за кинески вежби „Јин-јанг“, како и претставување на македонскиот фолклор со настап на АКУД „Мирче Ацев“. Македонската естрадна уметница Сузана Спасовска, која е и курсист на Институтот „Конфуциј“, ќе настапи со традиционални кинески песни.
Институтот „Конфуциј“ беше отворен во 2013 година, основан согласно со потпишаниот договор помеѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје со Централната управа на институтите „Конфцуиј“ и во соработка со Југозападниот универзитет за финансии и економија од Ченгду во Кина.
Неговото отворање пред пет години се совпадна со одбележувањето 20 години од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Народна Република Кина и Република Македонија.
Институтот првично беше отворен во НУБ „Свети Климент Охридски“ по што доби свои простории на УКИМ.
Институтите ,,Конфуциј” се непрофитни образовни институции, чија цел е да се промовира кинескиот јазик и култура, да се поддржи локалната настава по кинески јазик и да се овозможи културната размена.