На денешен ден: Почна со работа ТВ Скопје, денешна МТВ

На денешен ден (14 декември 1964) во Скопје, од едно импровизирано студио во Нерези и со една репортажна кола (по земјотресот на 26 јули 1963 година кога на Скопје му биле подарени стари репортажни коли од Велика Британија и од Италија), бил емитуван првиот македонски ТВ Весник на РТВ Скопје. Со тоа почнала редовната програма на ТВ Скопје.

Во 19601962 година Радио Скопје, што се однесува во програмските зафати, оформува екипа и испраќа свои работници на обука во радиотелевизиските центри во Белград и Загреб и интензивно се подготвува за освојување и на тој сегмент од радиодифузијата.

На 8 април 1964 година е завршена монтажата и на 5/1 KW ТВ предавател на објектот Црн Врв. Co силниот антенски систем (4х4 антенски панели), кој има засилување од 10 децибели, а тоа значи во сите правци зрачи со по 50 KW, тој ќе биде доминантен во тоа време на овие наши простори. По повод неговото официјално пуштање во работа на 5 јуни 1964 година се одржува свеченост на самиот објект и се врши првиот телевизиски пренос во живо од типот на Социјалистичка Република Македонија. Телевизиските работници остваруваат уште една победа, но Телевизијата е сè уште на прагот на својот почеток. Во текот на летото 1964 година се реализираат директни преноси на спортски, фолклорни и забавно-музички приредби од „Средбата на солидарноста”.

На 14 декември 1964 година се смета за роденден на скопското телевизиско студио. Од импровизираното студио (лимен хангар) во кoј има две маси за спикерите и најавувачката, со една камера (и уште една резервна) од подарената англиска репортажна кола, со мобилна врска од колата до предавателот на Црн Врв, во „живо”, започнува редовното емитување сопствена програма од сопствено студио.

Во 18:15 часот ТВ весник во траење од 20 минути, потоа цртан филм и детска емисија, образовна емисија, странски јазици, емисија од културата, ЕПП … Така, пет дена во неделата.

Создадени се доволен број емисии и репортажи за предвидените термини, а детските куклени и образовните емисии се емитуваат во „живо”. Така до 20 часот, а потоа вклучување во заедничката програма на Југословенската радио телевизија.

 

You May Also Like