Со предавањето „Помеѓу политиките на задолжување и неофашистичкиот бран во светот“ на Маурицио Лазарато, италијански социолог, филозоф и активист кој живее и работи во Париз, во Музејот на современа уметност е отворен третиот Меѓународен фестивал за критичка култура-КРИК организиран од „Контрапункт“, кој во три дела ќе се одржува до 19 декември.
Лазарато ги акцентираше новите авторитарни, фашистички, недемократски движења, нивниот подем и влијанието на неолибералните економски политики врз таквата драстична промена во политичката мапа.
-Изборот на Жаир Болсонаро, за претседател на Бразил е голем пресврт во историјата на светот. Овие избори покажуваат што ќе се случува со светот во иднина. Неолиберализмот е само маска, вистинското лице на светот денес е фашизмот. Врската помеѓу неолиберализот и фашизмот не е нешто ново, бидејќи апсолутната моќ е една од аспирациите на неолиберализмот, рече синоќа Маурицио Лазарато.
Економската криза, односно задолжувањето, бегалците и екологијата се трите клучни проблеми на светот денес кои водат кон будење на новиот фашизам кој се крие зад маската на популистичкиот неолиберализам.
Искра Гешоска на отоврањето на КРИК синоќа истакна дека во конципирањето на фестивалот сè уште е актуелна мислата на Ален Бадју дека заедницата која се заснова врз култура на критичко дејствување и соочување преку креативна конфронтација е култура на слобода којашто ги поместува хоризонтите на општеството.
Фестивалот КРИК годинава се занимава со актуелни, но глобални теми, кои имаат влијание врз нашиот локален контекст.
Насловот на годинашниот фестивал е „АЛЕРТ! – пред портите на моќта очекувајте исклучување“ и ќе опфати предавања, уметнички презентации, дискусии, работилници и филмови.
КРИК ќе ги преиспитува парадигмите на моќта, еманципаторските крстопати на политичкото и на естетското низ патеката која комуницира со сите репресивни облици врз граѓанството.