Еврејската заедница во Република Македонија вечерва (понеделник, 26 ноември) со почеток од 19.30 часот во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија ќе го одбележи Европскиот ден на еврејската култура.
Оваа манифестација се одржува истовремено во 32 европски земји, а Еврејската заедница во Македонија ја одбележува по 13-ти пат. Секоја година темата е различна и ја поставува Европската асоцијација за зачувување и унапредување на еврејската култура и наследство. Оваа година темата е „Раскажи ми приказна“.
– Повторно под режисерската палка на Снежана Коневски-Руси, сценскиот приказ „Раскажи ми приказна“ е спој на глума, слика и музика, а на сцената ќе раскажеме еврејски приказни од Македонија и од Балканот. Настапува хорот на Еврејската заедница во Република Македонија „Моис Хасон“, а улогите ги толкуваат Надежда Рубен и Борче Начев, соопшти Еврејската заедница во Република Македонија.