Саем за вработување во Скопје

Во вторник (14 октомври), Скопје ќе биде домаќин на првиот Саем за Вработување во Република Македонија.

На еднодневниот саем, кој ќе се оддржи во СЦ “Борис Трајковски”, ќе бидат присутни повеќе од 80 компании од Републиката, со цел нивно доближување до граѓаните и можност да пронајдат кадар кој би бил соодветен за отворените работни позиции во истите.

По примерот на светските метрополи, со Саемот за вработување ќе се даде можност и на младите луѓе во Македонија, кои сега се определуваат за своето образование и работа која сакаат да ја работат, да дознаат што бара самиот пазар на труд, со цел нивно вработување по завршувањето на образованието.

“На наше огромно задоволство, во вторник сите оние кои активно бараат работа и сакаат да се запознаат со можностите понудени на пазарот на труд, истото ќе можат да го сторат во СЦ “Борис Трајковски,”, на првиот Саем за Вработување. Саемот ќе биде отворен за посетители од 10 до 19 часот, а веруваме дека одзивот ќе биде голем, пред се поради фактот дека на истиот ќе бидат присутни најголемите работодавци во државата, воедно најуспешните македонски и странски компании,” изјави Влатко Поповски, Директор на Агенција за Вработување на Република Македонија.

На Саемот, ќе бидат застапени компании од различни категории, се со цел овозможување богата понуда за што поголем број профили и струки. Во состав на саемот, посетителите ќе можат да слушнат и интервјуа со претставници на истите, кои ќе се одвиваат на главната сцена. Конечно, во состав на саемот ќе има и две кафулиња, каде работодавците ќе имаат можност, на модерен и неформален начин, да се запознаат со потенцијалните кандидати за вработување.

You May Also Like