Одбележана неделата на продавачите на улични весници

Скопските улици беа местата каде изминатава недела се славеше претприемничкиот дух  на продавачите на единственото улично списание во Македонија, „Лице в лице“.

Граѓаните на Скопје од 4 до 10 февруари имаа можност да дадат свој придонес во одбележувањето на Меѓународната недела на продавачи на улични весници, која се одбележа во над 600 градови низ светот, со вклучување на околу 28 000 продавачи на 120 списанија и весници.

Ерџан, Армандо, Антон, Ален, Неџат, Орхан, Раџо се дел продавачите на „Лице в лице“ кои оваа недела ги инспирираа граѓаните, раскажувајќи ги своите приказни и волјата и решеноста да се издигнат над животните неприлики во кои се нашле. Продавајќи го уличниот магазин, тие заработуваат за живот, но и се вклучуваат во граѓанското живеење барајќи соодветно место во ова општество за нив.

Имаше луѓе што ми даваа ситни пари наместо да го купат списанието. Ги одбивав и им велев дека јас работам, а не просам. Ако сакаат да го купат списанието и со тоа да придонесат за мојата подобра дневница, во ред, ако не, слободно нека ме одминат. Јас продавам, работам со цел да си обезбедам поубава иднина – вели Армандо Реџепи, еден од продавачите на „Лице в лице“.

Одбележувањето на Меѓународната недела на продавачи на улични весници во Скопје почна на 4 февруари, со промоцијата на третиот број на „Лице в лице“. Се приклучија десетици граѓани, а мисијата ја поддржаа познати уметници, музичари, модни дизајнери, меѓу кои се Сергеј Андреевски, Никола Секирарски, Каролина Гочева, членката на „Старовски бенд“, Верица Андреевска-Спасовиќ, Тања Кокев и Марјан Јовановски од „Синтезис“.

Граѓаните имаа можност да се вклучат и во акцијата „Лице в лице со ДРУГИОТ – Петнаесет минути во униформата на продавачите“, кога имаа можност да го искусат она што нашите продавачи секојдневно го искусуваат – погледот и однесувањето на минувачите.

Уживав во дружењето со мојот нов пријател Раџо со кого го продавав списанието во тие 15 минути, но и сфатив со какви сè предизвици се соочува додека се обидува чесно да заработи за живот. Јас потешко ги прифатив презривите погледи. Раџо како да навикнал, па продолжуваше во потрагата по луѓе кои ќе му помогнат да биде успешен. Научив одлична лекција– изјави нашата сограѓанка Александра Илоска после акцијата.

Поддршката од граѓаните не беше реткост, а во одбележувањето на Меѓународната недела се вклучија и повеќе компании и организации, меѓу кои се МЕПСО, „Пакомак“, „АДИНГ“, „Биро проект“, „Фармахем“, „Адора инженеринг“, „Конект“и Холандската амбасада. При овие посети продавачите се дружеа со вработените, им го нудеа списанието, им ги раскажуваа своите приказни, пееја, честитаа родендени, а и подучуваа нешто за работата на компаниите.

Заедно со Агенцијата за комуникации „Ксантика“, „Лице в лице“ оваа недела организираше и интензивни тренинзи за подобрување на комуникациските вештини на продавачите. Младинците на улица кои се згрижени во Дневниот центар за деца на улица и дел од бездомниците и социјалните случаи кои се вклучени во програмите на Црвениот крст на град Скопје имаа можност да ги детектираат своите добри страни и да ги развиваат во насока на подобрување на нивниот живот.

Се надеваме дека сите овие соработки и вклучувања во мисијата на „Лице в лице“ ќе продолжат да се шират. Оваа недела уште еднаш се уверивме дека постои критична маса на граѓани кои имаат свест дека можат да придонесат во градењето на подобро општество. Очекуваме возбудливи заеднички акции – велат од „Лице в лице“.

Меѓународната недела на продавачи на улични весници се одржа како дел од активностите на Интернационалната мрежа на улични весници (ИНСП), со седиште во Глазгов. Во мрежата се вклучени 120 улични весници и магазини. Во очи Неделата, угледниот „Економист“ објави натпис во кој го истакнува предизвикот и успехот на моделот на уличните весници кои им ја даваат шансата на сиромашните да се издигнат над состојбата во која се фрлени.

You May Also Like