Македонија на саемот за туризам во Милано

Во рамки на  планираните саемски презентации за оваа година од страна на АППТ, во периодот од 14-17 февруари 2013 година, Република Македонија за првпат беше присутна на саемот за туризам Bit 2013 во Милано, Италија.

Македонските туристички потенцијали беа презентирани на италијанскиот пазар со штанд на кој исто така земаа учество и туристички агенции од нашата земја, кои италијанскиот пазар го одредиле како таргет.

Во текот на четиридневното промовирање беше организирана презентација на туристичкиот потенцијал на Македонија пред туроператори и новинари од Италија, како и пред потенцијални туристи, проследена со дегустација на традиционална македонска храна и вино. Презентацијата беше отворена од страна на генералниот конзул на Република Македонија во Италија, Г-дин Амон Бајрамовски  кој истакна дека позитивните билатерални односи помеѓу двете земји и одличните дипломатски, економски и политички односи преставуваат добра основа за проширување на соработката и во туристичкиот сектор.

Презентацијата на туристичкиот потенцијал на нашата земја проследена со видео материјал од промотивната кампања Macedonia Timeless, ги покани присутните да ја посетат нашата земја и лично да се запознаат со богатата  историја, култура, религија, архитектура, природа и секако вкусна храна и вино на кои ниту еден посетител не останува рамнодушен.

Комбинирајќи ги познавањата на туристичките потенцијали и регулативите во нашата земја од страна на преставниците на АППТ  и туристичките агенции, со контактите на нашиот конзулат, ангажираност на нашиот економски промотор во Италија Г-дин Иван Илиев, како и на почесниот конзул на Република Македонија во Италија г-дин Франко Пилато, направена е уште една успешна промоција која претставува почеток на низа планирани промотивни активности во правец на зголемување на бројот на туристи од овој исклучително значаен европски пазар кој покажува интерес за религиозниот туризам и кружните тури низ балканот вклучувајќи ја и нашата земја.

Саемот Bit 2013 имаше над 2.000 излагачи, од повеќе од 120 земји кои ги промовираат своите потенцијали на површина од 86.000м2. Бројот на посетители од 90.000, како и присуството на 60.000 професионалци во туризмот од кои 44% се  туристички агенции и 3.500 новинари преставуваат причина повеќе за одлуката за промовирање на нашата земја во рамки на овој реномиран саем од областа на туризмот.

You May Also Like