Денеска (петок, 15 јануари) во просториите на „Театар Центар“ беше одржана прес конференција на која присуствуваше градоначалникот Марјан Ристески како и директорите на националните установи „Македонски народен театар“, „Драмски театар“, Театар Комедија, Театар за деца и младинци, театрите од Велес, Битола и Прилеп, како и на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ кои ги соопштија хуманитарните активности кои ќе бидат реализирани во рамките на акцијата „Да го обновиме Трескавец“.
На 22 февруари во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, ќе се оддржи концерт на Ансамблот „Танец“, а како гости на вечерта ќе настапат познатите имиња на македонската фолк естрада: Блага Петреска и Сузана Спасовска. Веднаш потоа следува настапот на театарските претстави кои ќе се одвиваат секојдневно. Манастирскиот комплекс Трескавец – e еден од најголемите културни богатства на Македонија, a посебно место има во срцето на секој прилепчанец. Граѓаните на Прилеп масовно одговорија на повикот на координативното тело за возобновување на конаците на манастирот Трескавец и неуморно го расчистуваат теренот и спроведуваат повеќе активности за што побрзо рехабилитирање на ова културно богатство.
Во моментот се активни телефонските броеви за донација : 075/143-250, 077/143-250 и 070/143-414 како и жиро сметката: 300020000264069 на кој сите заинтересирани граѓани може да донираат. Од страна на познатата прилепска група „Crossroad Blues Band“ беше оддржан целовечерен концерт и во повеќе кафулиња во градот се организираат хуманитарни настапи. Општина Прилеп и понатаму ќе продолжи со своите активности за Возобновување на овој свет храм.
Распоред на представите кои ќе се одиграат хуманитарно за манастирот
22 февруари: Концерт на Ансамблот „Танец“ во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Гости на концертот се: Блага Петреска и Сузана Спасовска
22. февруари: Театар Комедија со претставата „Женидба“ во режија на Дејан Пројковски
25. февруари: МНТ и Театар за деца и младинци со претставата „Декамерон“ во режија на Боњо Лунгов
26. февруари: Драмски театар со претставата „Грев или шприцер“ во режија на Деан Дамјановски
27. февруари: Театар од Велес со претставта „Ноќите во бел сатен“ во режија на Ненад Витанов
28. февруари: Народен театар од Битола со претставата „Хенри VI“, III дел во режија на Џон Блондел
1. март Театар Војдан Чернодрински од Прилеп со претставата „Многу врева за ништо“ во режија на Иво Милошевиќ