Визуелната уметница Пандора Апостолоска Саздовска на уметнички симпозиум во Мароко

Визуелната уметница Пандора Апостолоска Саздовска е поканета на уметничкиот симпозиум и работилница за современа уметност во Маракеш, Кралството Мароко од 04 до 10 Ноември 2019. Симпозиумот е интернационален на кој Апостолоска Саздовска е единствениот претставник од Македонија.

На крајот од настанот ќе биде отворена изложба со делата на сите учесници. Ова е второ претставување на Пандора Апостолоска Саздовска пред Мароканската публика. Во 2017 таа беше поканета на изложбата “Современата светска калиграфија” од страна на Центарот за современа уметност во Асила, проектна изложба под покровителство на Кралот Мухамед VI.

Пандора Апостолоска Саздовска има дипломирано 2004 година на Академијата за ликовни уметности, сликарство со реставрација и конзервација под менторство на професорите Душан Перчинков и Танас Луловски.

Уметничката практика на Пандора Апостолоска Саздовска во целина е насочена кон истражување на човековите односи и аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен. И покрај очигледните лични политички борби нејзината работа зборува за нешто пошироко во намерата и значењето. Како активист, основата на нејзината уметничка практика е да ја информира јавноста дека политичката уметност продолжува да игра клучна улога во општеството и дека пораките добиени од уметничкото дело навистина имаат моќ да развиваат вештини потребни за решавање на конфликтот и со тоа да го придвижат човештвото напред.

Добитник е на значајни награди од областа на визуелните уметности. Во 2013 година е наградена од страна на Европскиот град на култура Умеа во Париз, Франција, во 2017 е добитник на прва награда за сликарство “Форма Вива” во Словенија и втора награда „Екс Темпоре“ во Грожњан, Хрватска. Во 2018 добива признание од уметничкиот симпозиум доделена од Универзитетот за уметност и дизајн во Аман, Јордан, во 2017 признание од Националниот комитет за култура во Хиан, Кина, во 2016 признание од Фондација Хејдар Алијев во Баку, Азербејџан и во 2015 Златна плакета од министерот за култура на уметничкиот симпозиум во Доха, Катар.

Досега има изложувано во Египет, Обединети Арапски Емирати Франција, Германија, САД, Шпанија, Португалија, Јордан, Хрватска, Кина, Словенија, Мароко, Саудиска Арабија, Тунис, Малезија, Босна и Херцеговина, Азербејџан, Романија, Индија, Катар, Италија, Кореја, Турција, Русија, Швајцарија и Австрија.

Во 2017 беше визитинг професор по современа уметност на Универзитетот за уметност и дизајн во Шаржа, Обединети Арапски Емирати.

You May Also Like