Во издание на издавачката куќа „Слово“ од Скопје, во познатата едиција „100 словенски романи“, проект на тринаесет словенски земји кои соработуваат во рамки на Форумот на словенските култури, излезе од печат романот „Црнотурци“ од Хусеин Башиќ. Овој роман е на листата на избраните црногорски романи за споменатата едиција.
Досега, во рамки на овој проект, објавени се петнаесет романи од словенските земји во Македонија, а во исто време, десетина македонски романи се објавени во словенските земји, членки на Форумот на словенските култури.
- Хусеин Башиќ, црногорски романсиер, по потекло Бошњак, раскажува за судбината на никшиќките и подгоричките муслимани откако овие градови ќе бидат под власта на кнезот Никола и ќе бидат припоени кон Црна Гора кон крајот на деветнаесеттиот век. Третирајќи една од постојаните теми на светската книжевност – егзилот и егзодусот – романот Црнотурци носи модерни, иновативни аспекти, обележани од критиката како: историски, модерни, психолошки, надреалистички и фантазмогориски и други. Оттука, авторот Башиќ, сведочејќи за темата на ,,мухаџирството“, односно иселувањето на муслиманите од Босна и Херцеговина и Црна Гора (тема ретко третирана во балканските литератури), сведочи за еден нов аспект на многострукиот универзален егзил, соопштија од издавачката куќа.