Нада Прља со „ Субверзија во црвено“ ќе ја претставува Македонија на Венециското биенале…
Уметницата Нада Прља , со проектот „ Субверзија во црвено“, ќе ја претставува Македонија на годинашното ликовно биенале во Венеција, соопштуваат од Министерството за култура.
Комисијата во состав: проф. Мирко Вујисиќ, проф. Тони Васиќ и Имер Бајрами, ги разгледа пристигнатите пријави на конкурсот за финансирање проекти од национален интерес од областа на меѓународната дејност, за учество на Македонија на 58-та Интернационална ликовна изложба во Венеција и одлучи национален претставник на нашата држава оваа година да биде проектот на Музејот на современата уметност „Субверзија во црвено“, од авторката Нада Прља, стои во соопштението.
Во пропишаниот рок на конкурсот, во Министерството за култура пристигнале уште 3 пријави: На НУ Национална галерија на Македонија, за проектот „Мирисот на лебот“, од авторот Нехат Беќири, на Музејот на град Скопје за проектот „А-Reaction“, од авторката Марија Павловска и самостојниот проект „Че биде“, од авторот Игор Јосифов. При увидот во пријавите, Комисијата утврди дека проектот на НУ Национална галерија на Македонија не ги исполнува условите пропишани во конкурсот и токму затоа проектот на Нехат Беќири не беше земен предвид во натамошниот процес на разгледување и одлучување, објаснуваат од Министерството за култура.
За преостанатите три проекти комисијата констатирала дека се одликуваат со високи уметнички карактеристики, дека се професионално конципирани и ги одразуваат квалитативните параметри нотирани во конкурсот.
Сепак, со особено внимание комисијата го издвои проектот на авторката Нада Прља кој, според тематската одреденица и методологијата во уметничкиот пристап низ неконвенционалните методи, е актуелен и интернационално референтен проект во културениот контекст и во однос на темата на Биеналето. Комисијата, исто така, ги зеде предвид и квалитетите и искуството на авторката со учество и изведба на дела со сличен контекст, кои се многубројни и имаат освоено награди и признанија на меѓународната сцена.
Истовремено, Комисијата изрази уверување дека и соработниците што се вклучени во реализацијата на проектот, во однос на уметничката критика и стручност, имаат големо интернационално искуство, особено во претходните учества на оваа манифестација, стои во соопштението од ресорот Култура.
Во однос на својот избор Комисијата го издвоила „проектот на авторката Нада Прља кој, според тематската одреденица и методологијата во уметничкиот пристап низ неконвенционалните методи, е актуелен и интернационално референтен проект во културениот контекст и во однос на темата на 58-то Венециско биенале „Да се живее во интересни времиња“ што ја иницираше уметничкиот директор на манифестацијата и директор на лондонската галерија Хејворд – Ралф Ругоф.
Комесар на настапот на 58-то Биенале во Венеција е Мира Гаќина, кустос на проектот Јованка Попова , кустос-соработник Тевж Логар од Словенија ( кој, патем, пред три години беше кустос на изложбата на уметницата Јасмина Цибиќ во словенечкиот павилјон), а во тимот е и концептуалниот уметник и активист за човекови права Артан Садику.
Анализирајќи различни концепти на марксистичката теорија и пракса со деконструкција на некогашните модели, „Субверзија во црвено“ предлага поинакво читање на постулатите на марксизмот, односно на читање кое е компатибилно со денешните токови во политиката и во општеството. Проектот се стреми кон развојот на одредена анархистичка имагинација на политиката, односно кон „субверзивна политика“, при што субверзијата се однесува како на ригидноста на општественото уредување создадено со марксистичката теорија (социјализмот), така и на денешниот суров и бескрупулозен капитализам. Тој подразбира различни уметнички и неуметнички методи и медиуми, како што е дискусија во форма на перформанс, документарно видео од тој перформанс, инкорпорирање на постојните уметнички дела и слично.
Прља дипломирала на Ликовната академија во Скопје и магистрирала на студиите по филозофија на Кралскиот колеџ за уметност во Лондон. Таа делува користејќи неколку различни медиуми, како инсталации, видео, проекти во јавен простор… притоа бавејќи се со темите на нееднаквост и неправди во современото општество, отворајќи бројни прашања за актуелните политички и економски состојби, национализмот, човечките права, миграциите. Конечно, зад себе досега има повеќе од 20 самостојни и стотина групни изложби во Европа и низ светот.
Во дописот од Министерството за култура за изборот стои дека за претставување на проектот „Субверзија во црвено“ на Нада Прља и на Музејот на современа уметност од Скопје, односно на Република Македонија, на 58-та Интернационална ликовна изложба во Венеција, се издвоени 4.000.000,00 денари.