Премиера на претставата „Кармен“ во Драмски театар

Денес, (петок, 21.5.2021) со почеток во 20:00 премиерно ќе биде изведена претставата „Кармен“ – монодрама на  актерката Биљана Драгиќевиќ – Пројковска.

Мигел Делибес  -„КАРМЕН“

По мотив од романот „Пет часа со Марио“

Режија и драматизација: Дејан Пројковски
Превод: Ненад Велковски
Сценограф: Валентин Светозарев
Костимограф: Раде Василев
Композитор: Горан Трајкоски
Сценски движења: Олга Панго
Фотографии и дизајн на плакат: Елена Бојаџиева

Монодрама на Биљана Драгиќевиќ Пројковска

Кон претставата „Кармен“

Мигел Делибес (1920 – 2010) е шпански романсиер и член на Кралската шпанска академија, повеќекратен добитник на награди и признанија меѓу кои наградата Надал, Принцот од Астуријас и наградата Сервантес. Тој се смета за еден од најважните автори на XX век. Познат е по делата: Дневник на Хантер (за кое добива Национална награда за литература), Црвениот лист (Награда за фондација Хуан Марш), Стаорците (Награда за критичари), Еретикот (Добитник на Националната награда за литература) и др. Особено се истакнува неговото ремек-дело: Пет часа со Марио, објавено во 1966 година кое претставува верен експонент на социјалниот реализам, многу важен литературен тренд во Шпанија во средината на минатиот век.
Преку внатрешниот дијалог на жена во криза – Кармен, нејзиниот протагонист –Делибес, открил најголем дел од постојаните политички и социјални тензии во тоа време во Шпанија. Не залудно неговото ремек дело Пет часа со Марио спаѓа во рамките на неговата листа на „сто најдобри романи на дваесеттиот век“.

***
Изминатата година светот во еден период остана без претстави, изложби, проекции, концерти. Тогаш се запрашавме за смислата на постоењето на нашата цивилизација. Основниот порив на задоволување на животинските нагони сигурно не е она што човекот го прави поразличен од животните. Кога би дошол крајот на оваа наша цивилизација се прашувам што е она што треба да остане како доказ за смислата и вредноста на нашето постоење. Сигурно тоа ќе бидат делата на Шекспир, Достоевски , музиката на Бах, иконите на Дичо Зограф, приказните на Цепенков, зборникот на Миладиновци. Сигурно нема како податок за нашето постоње да оставиме колку пластични шишиња сме произвеле, колку делфини сме отруле со нафта во океаните, колку војни сме воделе или колку конзерви успешно сме отвориле. УМЕТНОСТА е духовната смисла на постоењето на секоја цивилизација. Токму затоа театарот е важен сегмент во ноевиот ковчег на човештвото бидејќи со векови го создава и чува се она што претставува смисла и вредност на постоењето на нашата цивилизација.И токму поради сето тоа е многу важно завесата во театрите да биде секогаш подигната. Им благодарам на сите колеги во Драмскиот театар што овие изминативе неколку месеци му покажавме на ТЕАТАРОТ дека сме негови вистински пријатели.

Дејан Пројковски

You May Also Like