Во семејната куќа на уметникот Ранко Струмениковски во Битола, која сега е во голем дел реновирана, отворен e музеј, галерија и ателје “Ранко Струмениковски“.
Овој уметнички простор е уреден и отворен по повод 85 години од раѓањето на Струмениковски. Во објектот се сместени педесетина графики на Струмениковски, дел од изработените логоа и дел од неговите лични работи, на два ката, кои се убаво и наменски уредени. На свеченото отворање зборуваа новинарот Драган Ристевски, ликовниот уметник и критичар Владо Ѓоревски – Рафик и Теодора Теа Ристевска – внука на Ранко.
Владо Ѓоревски – Рафик, зборуваше за творештвото на Струмениковски, за неговиот придонес во равојот на графиката во Битола и за неговите логоа кои се заштитен знак за многу битолски компании, “Епинал“, “Пелистерка“, “МНД“, “Прехрана“, “Битолатекст“, “Јавор“…
Внуката на Ранко Струмениковски, Теодора Теа Ристевска е иницијаторот да се уреди овој простор, но и да се сними и документарниот филм за нејзиниот дедо, на отворањето рече:
- Кога прерано почина мојот дедо, Ранко, во 2000 година, јас имав само 6 години, и немав многу прилики да бидам со него, да бидам заедно со него во создавањето на неговите графики и други дела, па затоа на овој начин сакам она што ни го остави нам да го претставиме пред Вас, на кој ви благодарам што надјовте време да бидете тука на отворањето на овој простор, посветен на него.
За крај на свеченото отворање беше прикажан документарниот филм “Придонесот на Ранко Струмениковски во македонската графика“.
Музејот, галерија и ателје “Ранко Струмениковски“ се наоѓа на улица “Киро Дандаро“ број 12 во Битола.