NOMEN EST OMEN на Колектив ЗЕРО во Мала станица

Изложба „NOMEN EST OMEN“ на Колектив ЗЕРО, која ќе биде отворена на 12 октомври 2023 (четврток), со почеток во 20 часот, во мултимедијалниот центар Мала станица, на Националната галерија на Македонија.

Од протозеро друштвото на почетокот на 80тите произлезе “Колектив Зеро” (нула, ништо, безначајност), која е формирана во 1985 година во ориенталниот амбиент и институциите на Старата скопска чаршија.

Колективот Ø – Зеро, во 80-тите години на 20 век претставуваше парадигма за вонинстиуционално генерациско дејствување на македонската ликовна сцена. Нивниот иронично-критички уметнички став го означи методолошкиот и интерпретативен пресврт со раскинувањето на стереотипите на „големите модернистички наративи“. Преку интертекстуалноста, интермедијалноста, пародијата или субверзијата на историскo-идеолошките дискурси со различните стилски пристапи, групата стана препознатлив знак за македонската постмодерна.

Колективот Ø има хетероген состав и отворен карактер, но дејствува без програма. Со првата изложба беше најавена нивната ориентираност кон мултимедиумски истражувања и излегување од етаблираните норми во уметноста и сфаќањата, не без едно тегобно романтичарско чувство. Колективот Ø во своето дејствување оствари специфичен спој на западната и на источната уметност и духовна традиција (неоекспресионизмот, поп-артот, стрипот, графитите итн.). Заедничкото цртање и сликање даде свежи и впечатливи примери на надреалистички “автоматски ракопис”. Во сликите и муралите остварија сложена и послободна експресивна и декоративна структура. Хибридните ликови, форми и знаци се колажно или монтажно поврзани на неочекуван и инвентивен начин. Колективот Ø го помина патот од непризнавање (од т.н. “музејска критика”) до признавање од поширок круг публика и познавачи. За нив различноста значеше припадност кон една друга Европа – Une autre Europe, сознание добиено по 90-те години.

Проектот Nomen est Omen е рефлексија и визуелна реакција на претходно опишаното и актуелните случувања во Република Македонија… и пошироко…

Членови: Ацо Станкоски, Синиша Цветковски, Ибрахим Беди, Зоран Јаневски, Горанчо Ѓорѓиевски, Миодраг Десовски, Стеван Шашков, Сашо Јовчевски и Златко Трајковски (1960-2017).

Изложбата ќе трае заклучно со 29 октомври 2023 година.

You May Also Like