На денешен ден: Роден е Радован Павловски

На денешен ден (23 ноември 1937) во Ниш е роден Радован Павловски, македонски поет и академик. Потекнува од гостиварското село Железна Река.

Студирал право и литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Живеел и творел во Загреб и во Белград, а во 1985 година се преселил во Скопје. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на МАНУ и на Сојузите на писатели на Хрватска и на Србија.

Од 1985 година бил во брак со македонската сликарка Јулијана Поповска – Павловска. Најпознати поетски книги на Павловски се: „Суша, свадба и селидби“, „Корабија“, „Високо пладне“, „Низ проѕирката на мечот“, „Сонце за кое змијата не знае“, „Зрна“, „Молњи“, „Стражи“, „Клучеви“, „Се случува вечност“ и други. За своето творештво, Павловски е добитник на наградите: „Браќа Миладиновци“, „11 Октомври“, „Кочо Рацин“, „Повелба на печалбарите“, „Гоцева повелба“, „Ацо Шопов“, на странските награди: „Младост“, „Златна струна“, „24 Дисова пролет“, „Ристо Ратковиќ“.

Добитник е на светското признание за животно дело АБН-САД (1998), во Тринаесетата едиција на меѓународното издание „Кој е кој меѓу интелектуалците“ (1999) на Меѓународниот биографски центар од Кембриџ, Англија.

Посебни поетски книги му се објавени на: англиски, француски, шведски, руски, чешки, романски, турски, српски, словенечки и албански јазик. Неговата поезија е застапена во голем број антологии на македонската поезија.

You May Also Like