На денешен ден е роден Димитар Кондовски (Прилеп, 30. IX 1927 – Скопје, 10. VIII 1993) – сликар, сценограф, дизајнер, дописен член на МАНУ, член на ДЛУМ, професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Основно и средно образование завршил во Скопје, а Академија за ликовни уметности во Белград, во 1952 година, во класата на проф. Недељко Гвозденовиќ. Во 1958 година е на студиски престој во Париз. Во текот на 1961/62 година специјализира ѕидно сликарство во Рим.
Има особено значење за развојот на македонското современо сликарство во шеесеттите години. Бил член на групите “Денес” и “Мугри”. Се занимавал со сликарство, илустрација, сценографија, графика, критика. Бил професор на Педагошката академија во Скопје.
Во почетокот, во неговото сликарство се чувствуваат влијанија од Париската школа. Подоцна оформува автохтон геометриски израз, кој има основа од влијанието на средновековното сликарство и ориенталната орнаментика, додека во начинот на изработка на делата, користел технологија која е карактеристична за изработката на икони.
Автор е на монументален сликарски објект во Железарницата во Скопје 1967 год. Награден е на 8 Медитеранско Биенале 1963 год., 3 Триенале во Белград, со Октомвриска награда за сликарство во 1964 год. и др.
Како еден од пионерите на подрачјето на ликовно –графичкото обликување во Македонија, Кондовски има опремено неколку стотици книги, голем број учебници, весници, списанија (особено за деца – на македонски, албански и турски јазик), потоа јубилејни изданија, монографии и плакати, со повеќе од 20.000 илустрации.
Автор е на над 200 сценографски решенија за телевизиски емисии, за драмски, балетски и оперски претстави, меѓу кои за оперите: Орфеј, Кнез Игор и Медиум, пиесите Бегалка и Татко, за тв серијата за деца Крстословка и за многу други.
Околу 200 негови дела се наоѓаат во разни државни и приватни колекции, во галерии и музеи во земјата и во светот.
Извор: НГМ