На денешен ден е роден македонскиот сликар Томо Владимирски (Скопје, 26 август 1904 – Скопје, 14 септември 1971).
Тој бил македонски сликар, сценограф, еден од основоположниците на модерното македонско сликарство. Првите сликарски поуки ги добил од својот учител, зографот Димитар Андонов Папрадишки. Во 1935 година завршил академски курс во Белград, а веќе во 1937 година, специјализирал сликарство на Уметничката академија во Прага, кај професорот Јакоб Обровски.
За време на окупацијата, бил активен во организирањето на културниот живот во градот Скопје и надвор од него. Во 1944, се вклучил во Агитроп на Главниот штаб на НОВ за Македонија. на 10.9.1944 година, во штотуку ослободениот Прилеп, се основа Здружението на македонските ликовни уметници. Владимирски бил активен и учествувал речиси на сите изложби. Остварил неколку студиски патувања, меѓу кои и во Париз, во 1957 година. Оттогаш се забележува извесно ослободување на стилскиот израз, како и инвентивност во потегот и бојата.
Работел како сценограф во Македонскиот народен театар во Скопје во периодот од 1939 до 1966 година. Имал ретроспективна изложба во Скопје (МСУ, 1981). Стилски се поврзува со реалистичкиот и експресионистичкиот израз. Се одликува со разновидна тематска определеност: градски мотиви, мртва природа, портрети (Мотив од Прага, 1937; Работник, 1940), а по војната, сликал историски содржини и мотиви од реките Вардар и Радика. Првата своја изложба ја имал во Прага.
Во 1960 година ја приредил изложбата со крајбрежните Пејсажи од реката Вардар, со желба да го претстави “поднебјето на Скопје и неговата непосредна околина, да ги асоцира спомените имтимно поврзани за родниот град“.