Здружението „Центар за аудиовизуелни уметности“ со поддршка од општина Крива Паланка го распиша конкурсот за избор на детски песни за фестивалот „Распеано симитче 2018“.
Фестивалот е возобновен по пауза од три децении, а ќе се оддржи во втората половина на октомври во Крива Паланка.
Организаторите планираат годинашното издание да донесе 15 нови детски песни кои ќе се слушаат низ годините пред нас.
На конкурсот може да учествуваат сите домашни автори, а композициите што ќе бидат испратени на конкурсот треба да бидат лесно прифатливи, современи детски песни и да не биле претходно јавно објавувани и изведувани.
Во условите за учество се наведува дека конкурсната пратка треба да содржи нотен текст со впишан текст и хармонски симболи, текст, демо снимка и име на авторот на музиката и текстот.
Организаторот го задржува правото на евентуални корекции на избраните творби и нивно аранжирање.
– Со авторите чии дела ќе бидат избрани на конкурсот ќе склучиме договор и ќе биде исплатен авторски надомест. Со склучување на договорот, авторите имаат обврска на организаторот да му ги пренесат правата за прво јавно изведување, за радиодифузно емитување, за тонско и видео снимање, умножување и продажба на носачи на слика и звук, објавување на тонските и видео записите на интернет и друго, како и право организаторот некои од овие права да ги пренесува на трети лица, информираат од Центар за аудиовизуелни уметности, Крива Паланка.
Краен рок за доставување песни на конкурсот е 10 август, а песните треба да електронски на raspeanosimitce@gmail.com или по пошта до „Здружение ЦЕНТАР ЗА АУДИОВИЗУЕЛНИ УМЕТНОСТИ“ со назнака „Распеано симитче 2018“, улица Никола Тесла 55, Крива Паланка.