Краткиот експериментален филм „Крајот на времето” на Милчо Манчевски доби награда Curator’s Choice на американскиот патувачки филмски фестивал за кратки филмови Wandering Reel Traveling Film Festival.
„Крајот на времето” е кубанско-американска копродукција по сценарио и режија на Милчо Манчевски, експериментален филм кој Кетлин Мекинис, директорката на фестивалот во Аспен го нарече „хипнотичен и величествен”.

Берлинскиот Либери фестивал вели „Свежиот минимализам и авторитетната едноставност на „Крајот на времето” се навистина потресни”, а Дејан Здравков од Филозовскиот филмски фестивал во Скопје напиша „Неверојатно привлечна кинематска и уметничка игривост, експериментално трансцедентално патување… ретки и безвременски мигови”, додека канадскиот режисер на експериментални филмови и критичар, Мајк Хулбум, вели: „Студија на секојдневното и на тајното спасение кое мирно чека додека никој не гледа. Вниманието на гледачот е поттикнато да скита по сликата, небаре нашата потреба од херои или предмети за тестирање веќе не е неопходна.”
Филмот е прикажан на повеќе од 30 фестивали, музеи и уметнички галерии и има освоено 6 награди, меѓу кои и во Аспен и Берлин. Светски дистрибутер на филмот е Пасифик воис од Јапонија.
Пред само десетина денови Манчевски беше награден и на годинашниот јубилеен 30. Mеѓународен филмски фестивал во Трст, Италија, каде му беше доделена наградата Eastern star за достигнувања во областа на кинематографијата.