„Бајка за царот Нај“ вечерва премиерно во Театарот за деца и младинци

На сцената на Театарот за деца и младинци вечерва (среда) премиерно ќе биде изведена претставата „Бајка за царот Нај“ од Снежана Иљовска – Наумовска, во режија на Коле Ангеловски.

Во улогата на царот Нај се појавува Бојан Кирковски, а главната женска улога ја играат Емра Куртишова и Симона Спировска. Во останатите улоги ќе играат Катерина Илиевска – Силјановска, Ненад Митевски, Винета Дамческа, Мики Анчевски и Мартин Јордановски.

Директорот на Театарот Драган Довлев вели дека се работи за еден многу стар мотив опфатен во многу драмски текстови, каде царот се преправа како питач и оди меѓу народот.

– Претставата ќе биде за сите возрасти на деца од најмали до најголеми. Новина е што првпат двајца актери ќе играат една улога, најизменично ќе се менуваат во секоја наредна претстава, информира Довлев.

Претставата, според Ангеловски, е вистинска бајка, каде се прикажани вредности кои на некој начин се далеку од денешните деца, а тоа се добрина, љубов, патување, мечтаење, кои некако како да се изгубени.

– Текстот претставува патување низ разни соништа, вистини, ситуации. Напишан е во стихови што е реткост за нашите сцени и бара поинаков пристап од актерите. Царот Нај, кој е убав како слика, но за жал не зборува, туку како лав рика и луѓето се плашат од него, одлучува да тргне низ светот, патува седум години низ 33 земји и откако ќе го победи злото ќе му се врати говорот. Сето тоа е заокружено со една љубовна приказна меѓу царот и принцезата Сончев свет…, истакна Ангеловски.

Костимите се на Розе Трајческа – Ристовска, сценографијата е Илина Ангеловска, а музиката ја подготви Љупчо Мирковски.

You May Also Like