Комедијата „Шпионот што ме откачи” со Мила Кунис во кино „Милениум”

Комедијата „Шпионот што ме откачи” со Мила Кунис и Кејт Мекинон во главните улоги и филмот „Танцувачка терапија” со Имелда Стонтон од утре (четврток, 9 август) ќе почнат да се прикажуваат во кино „Милениум” во Скопје.

На репертоарот остануваат и акцијата „Невозможна мисија: Последици”, драмата „Кристофер Робин” и цртаниот филм „Хотел Трансилванија 3: Одморите почнуваат”. Билетите за сите проекции во „Милениум” чинат 150 денари.

„Шпионот што ме откачи” ќе се прикажува во 20 часот, а станува збор за две најдобри пријателки кои се вплеткуваат во интернационален заговор кога една од девојките ќе дознае дека момчето кое ја оставило всушност е шпион. „Танцувачка терапија” ќе игра во 17.30 часот. Имелда Стонтон игра жена која на забавата по повод пензионирањето ќе дознае дека нејзиниот сопруг има афера со нејзината најдобра пријателка и е принудена да замине кај нејзината сестра која живее во сиромашен предел.

„Кристофер Робин” со Јуан Мекгрегор во главната улога во работните денови е на репертоарот во 15 часот, а за викендите во 13.30 Приказната е насочена кон семеен човек кој одеднаш се сретнува со својот пријател од детството, Вини Пу кој му помага да ги открие убавините на животот. „Невoзможна мисија: Последици” ќе игра во 22.00 часот. Том Круз уште еднаш се појавува во улогата на Итан Хант кој овој пат заедно со неговите сојузници се наоѓаат во трка со времето кога мисијата ќе тргне на лошо.

„Хотел Трансилванија 3: Одморите почнуваат” е на репертоарот само во сабота и недела во 11 часот. Овој пат невообичаеното семејство тргнува на одмор каде грофот Дракула почнува и романтична врска. Гласовите во анимираниот филм ги позајмуваат: Адам Сендлер, Селена Гомез, Енди Самберг и други.

You May Also Like