Македонската опера и балет вечерва (среда, 10 октоври) ќе ја изведе операта „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи, во режија на гостинот од Италија – Џандоменико Вакари и под диригентство на Иван Еминовиќ.
Ќе учествуваат солистите Павлина Новакова во улогата на Сантуца, Зоран Сотиров (Туриду), Ристе Велков (Алфио), Николина Јаневска (Лола) и Марика Поповиќ (Мама Лучија), како и хорот и оркестарот на МОБ.
Маскањи ја напишал „Кавалерија рустикана“ на 28-годишна возраст, инспириран од новела на Џовани Верга. Либретото е на Џовани Тарџони-Тоцети и Гвидо Менаски. На конкурсот на издавачот „Сонзоњо“ ја добил првата награда и потоа операта имала светска премиера со огромен успех, на сцената на Театро Констанца де Рома на 17 мај 1890 година.
– До денес таа е редовно на репертоарот на сите сцени низ светот. Пишувана е во веристички манир и е скоро во исто време кога настанува и едночинката „Паљачи“ на Руџеро Леонкавало, па често тие две веристички опери се изведуваат во иста вечер на сцените на најголемите оперски куќи во светот. Маскањи во својот композиторски ракопис во „Кавалерија рустикана“ користи народни напеви од југот на Италија, наведуваат од МОБ.
На македонската сцена оваа оперска претстава имала повеќе премиерни изведби – со првата бил и официјалниот почеток на работата на Операта на Македонскиот народен театар, на 9 мај 1947 година.