Средба на книжевните преведувачи во манастирскиот комплекс Свети Атанасиј во Лешок

Четириесеттина книжевни преведувачи од земјава и странство учествуваат на 47-та Средба на книжевните преведувачи што традиционално секоја година се одржува во манастирскиот комплекс Свети Атанасиј во Лешок.

Годинешната тема на средбата е Ритамот на книжевниот превод. Според претседателот на друштвото на книжевни преведувачи од Македонија Стефан Симовски, книжевниот превод е се помалку вреднуван од државните институции, но и книгоиздавачите.

Од страна на Министерството за култура за околу 90 илјади денари бил намален и буџетот за годинешната средба во Лешок поради што на неа учествуваат преведувачи од Македонија и само три земји од странство Северен Кипар, Германија и Русија.

– Можеби не толку кај прозата но кај поезијата мора да се запази римата но и ритам што го има секое дело. Токму затоа сакме да дадеме соодветна анализа на преводот и препевот особено на делата од последните години, вели Симовски.

Меѓу учесничките беше и директорката на Македонскиот културен центар во Москва, Русија Олга Панкина која од македонски на руски јазик има преведено над шеесетина книжевни дела.

– Преведувањето е најдобар начин да се пренесе една култура во друга земја и во светот. Колку во конкрениот случај македонски книги ќе бидат преведени се зависи од стратегијата на државата но и на научните кругови рече Панкина.

Традиционалната средба на книжевните преведувачи во Лешок се одржува веднаш по завршувањето на поетскиот фестивал Струшките вечери на поезијата.

You May Also Like