Роберт Јанкулоски, заедно со Моника Мотеска и нивниот проектот „Landscape experience“ ќе ја претставуваат Македонија на 59. Венециско биенале за уметност, кое ќе се одржи годинава од 23 април до 27 ноември, соопштија од Министерството за култура.
Проектот е на Националната галерија на Македонија, куратор на истиот е Ана Франговска, а комесар Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија на Македонија.
Во конкуренција биле вкупно пет проекти: „Божествена пародија“ на Страхил Петровски, канадидат на Музеј на Град Скопје, „Сите изгубени гласови“ на Филип Јовановски, на Младинскиот културен центар и „Горчлив шеќер“ на Ѓорѓе Јовановиќ, кандидат на Музејот на современата уметност. Една од пријавите не била разгледувана, откако подносителот се повлекол од конкурсот.
Во образложението на стручната комисија при Министерството за култура пишува дека проектот „Landscape experience“ низ јукстапозиции поставува нови пејзажи, реални, а имагинативни; локални и национални, а сепак универзално препознатливи.
– Нивните сублимирани сцени, објекти, видеа и просторна инсталација го сугерира односот тело-природа, човек-технологии, човекот како несовршено суштество и негова когнитивна симбиоза со останатиот жив свет и околина. Низ квалитетен материјал и портфолио, авторот и кураторката го развиваат и докрај го објаснуваат проектот како соодветен одговор на темата на Биеналето – „Млеко од соништата“ , соопштуваат од Министерството за култура.