IN MEMORIAM: Почина Љубиша Георгиевски

Љубиша Георгиевски (30 мај 1937, Битола – 6 декември 2018, Скопје) беше театарски и филмски режисер, драмски писател и есеист, теоретичар на театарот и професор по театарска режија и актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Како политичар, бил кандидат за Претседател на Република Македонија (1994), амбасадор во Бугарија (2000-2004), како и претседател на Собранието на Република Македонија (2006-2008).

Дипломирал на Академијата за театар, филм, радио и телевизија, група „Театар и радио режија”, во Белград, 1974.

Како театарски режисер, имаше поставено преку 160 постановки во Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Бугарија, Романија, Полска, како и четири постановки во САД, каде на универзитетите во Јужна Калифорнија и Тексас предавал теорија на театарот и актерска игра.

Неговите претстави се играат на повеќе од десет јазици и истите гостувале ширум Европа, од кои позначајни гостувања се во Москва и Виена.

Имаше објавено десеттина книги. Како филмски режисер има режирано четири филма. Како новинар има напишано преку двесте авторски колони во „Дневник”.

Добитник е на повеќе од дваесетина награди во рамките на поранешна Југославија, како и наградата од критиката за претставата „Искушение” од Вацлав Хавел во Theater Center како најдобра претстава на театарската сезона. Неговите пиеси „Црна” и „Јованка Орлеанска” се играни со успех, а некои од нив сè уште се на репертоарот.

Во родната Битола, добитник е на наградата „4 Ноември“ на градот Битола.

Беше познат и како полиглот со одлично познавање на англиски, француски, италијански, руски, бугарски, а активно се служеше и со словенечкиот, полскиот и романскиот јазик.

You May Also Like