Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти FX3X учествуваше во креирањето на визуелните ефекти на филмот „МЕГ“, кој од утре вечер (четврток, 23 август) ќе почне да се прикажува во Скопје.
Филмот е снимен според новелата „Мег: Новела на длабок терор“ на Стив Алтен, кој пак бил инспириран од приказната за гребенот Мариана во Пацификот. Дејството на филмот е лоцирано токму во овој гребен, кој со своите повеќе од десет илјади километри, е најдлабокиот кој му е познат на човештвото.
Од длабочините на ова најенигматско место на Океанот се појавува дваесет метри долгата ајкула Мегалодон, а тука е и палеонтолог, кој се обидува да го спречи нападот на ајкулата и нејзиното размножување.
Според Кристијан Даниловски, ко-сопственик на ФХ3Х и извршен продуцент, на овој проект се работело од април до октомври, минатата година, а биле ангажирани 80 артисти.
– Филмот доби добри критики како научно-фантастичен трилер и летна забава, секако умерена, бидејќи е и за деца над 13 години. Заработката, иако можеби не е единственото мерило за квалитетот на филмот, но Мег трипати го надмина буџетот за продукција и досега заработи 315 милиони долари, а во многу земји во светот, меѓу кои и во нашата, премиерата допрва претстои. Оценката на визуелните ефекти, она што нас најмногу не интересира, е повеќе од одлична. Според Форбс, тие се импресивни, и тоа е доволно да не привлече да одиме во кино и да го погледнеме филмот, вели Даниловски.
Во главните улоги настапуваат Џон Статам и Лин Бингбинг, а во останатите улоги се појавуваат Раин Вилсон, Руби Роуз, Винстон Чао и Клиф Кeртис. Режијата е на Џон Тртлтауб.
Премиерата на „Мег“ е утре вечер во киното Синеплекс во Скопје.