Филмот „Јавачи на коњи“ со награда за најдобар филм на фестивалот „Yala International Film festival”

Македонскиот независен филм „Јавачи на коњи” се здоби со награда за најдобар филм на филмскиот фестивал „Yala International Film festival” во Непал.

Јавачи на коњи е социјална драма по сценарио на Никола Кузелов, а во режија на Марјан Гавриловски. Во главните улоги се јавуваат Бобан Кулески, Никола Кузелов и Долорес Поповиќ. Станува збор за независен филм кој е работен во Скопје во 2016 година, а својата премиера ја доживува година подоцна во Кинотека на Македонија.

Јавачи на коњи беше прогласен за најдобар игран филм на „Yala International Film festival” кој се оддржа минатата недела во Непал, Јужна Азија. Оваа главна награда на вечерта едногласно беше доделена од жирито кое го сочинуваат оскаровецот Marc Baschet, Dina Iordanova, професор на филмската академија St. Andrews во Шкотска и професор на универзитетот во ХонгКонг и Tom Waller, филмски продуцент, сценарист и режисер.

“Интимен портрет на изгубените генерации од постконфликтната Југославија. Впечатлив и уверлив перформанс на тројцата главни ликови. Хармоничен и силно емотивен филм. ” – е коментарот за Јавачи на коњи од Yala International Film festival.

Инаку, ова е втора награда за Јавачи на коњи после наградата за најдобар филм на „Fam Fest International 2018″ во Северна Каролина, САД. Филмот до сега има учествувано на голем број фестивали низ Европа и светот, меѓу кои во Шпанија, Шведска, Италија, Јужна Африка, Швајцарија, Полска, Чешка, Романија и Бугарија.

You May Also Like