„Игра на соништата“ од Стринберг на македонски јазик

Друштвото за издавачка дејност „Македонска реч од Скопје неодамна ја објави познатата драма на познатиот шведски писател и еден од најпознатите драмски писатели во светот Аугуст Стриндберг – „Игра на соништата“, во превод од шведски јазик на Ивица Челиковиќ.

Аугуст Стриндберг (1849-1912) е најзначаен шведски писател на преминот од деветнаесеттиот во дваесеттиот век. Пишувал романи, новели, песни, критики, есеи, писма, но највисоки дострели остварил во драмите, посебно во натуралистичките, како, на пример, во „Госпоѓица Јулија“ (1889), во која е поместен и предговор, значаен манифест на натурализмот, додека неговите драми „Игра на соништата“ (1901) и „Сенишна соната“ (1907), се сметаат за остварувања што му претходат на експресионизмот. Со неговите светски прочуени драмски текстови се смета за еден од зачетниците на модерниот театар.

„Дете на мојата најголема болка“, ќе напише Стриндберг за својата драма „Игра на соништата“, во која низ призмата на сопствениот бурен живот, се обидува да толкува што значи да се биде човечко суштество. Драмата е базирана врз фантастични мотиви од сказните за ќерката на богот Индра, која од небото се спушта на земјата за да дознае како живеат луѓето. Го среќава Поетот, кој станува нејзин водич и гласноговорник на луѓето. Тие заедно ги испитуваат сите несреќи, неправди и страдања што се дел од животот. Песимизмот е силен, но се ублажува со резигнирано христијанско сочувство („штета е за луѓето“), нарочно со социјално угнетените народни маси. Преку контрастирање на убавото меланхолично со драстично хумористичното, Стриндберг успева да го пренесе сопственото измешано доживување на животот, мачен и исполнет со волја во исто време. Сцените се често натуралистички остри во својот опис на ситуациите и луѓето, но не следат некаков хронолошки ред. Наместо тоа, присутни се привремени асоцијации кои водат од една ситуација и сцена во друга, токму како во сонот.

Освен „Игра на соништата“ „Македонска реч“ од Стриндберг досега ги објави и драмскиот текст „Пеликанот“, првиот и вториот дел од автобиографскиот роман „Синот на слугинката“, романот „Селани од островот“, а наскоро и романот „Црвената соба“ – сите првпат на македонски јазик, и сите во превод од шведски јазик на Ивица Челиковиќ.

You May Also Like