Уметниците Кристина Божурска и Николче Славески се добитници на стипендија за учество на летната школа Summer School as a School (SSAS) за 2018 година. Ги доделува Проектниот простор Прес ту егзит, како партнерска организација на организаторот Stacion – Центарот за современа уметност од Приштина.
Програмата во која ќе учествуваат македонските стипендисти ќе се одржи во јули-август и се состои од единаесет курсеви кои на учесниците и публиката ќе и овозможат искуство преку модел на алтернативна уметност и образование.
– „Летна школа како школа“ / Summer School as a School (SSAS) е конципирана со намера да се обединат и споделат критички знаења, да се поттикнат соочувања со критичните предизвици на сегашноста, како и да се применат нови знаења и можности во уметничкото образование и соработката со уметниците, соопшти Прес ту егзит.
Кристина Божурска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а магистрирала на Институтот за културолошки студии во областа на социјално-уметничката пракса. Користи мноштво техники и материјали, вклучувајќи готови предмети, сликарство, цртање, текст или видео. Суштина на нејзината практика е социополитичкиот контекст на денешнината, каде преку изборот на материјали и визуелни референци директно ги коментира проблемите од секојдневието и современото живеење.
Николче Славевски дипломирал на Факултетот за ликовна уметност. Досега имал една самостојна изложба и учествувал на повеќе групни изложби во Македонија и странство. Волонтер е во Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ од Битола и предводел екипа на меѓународната детска ликовна колонија „On-site painting“ во Хонг Конг како ликовен педагог.
Во своите дела тој се занимава со трудот, трудовите процеси и општествената положба и улога на уметникот како и улогата на уметноста. Во фокус на неговите истражувања прашањата за она што е револуционерна уметност, како да се создава и како таа е во релација со угнетените општествени слоеви, работничката класа и маргинализираните заедници.
Финаниската поддршка за учество на македонските стипендисти на „Летна школа како школа“ е овозможена со помош на Министерството за култура.