Работилница насловена „Фотографијата како систем на комуникација“ вчера (вторник, 18 септември, 2012) одржа српскиот кинематографер Миладин Чолаковиќ во рамки на 33. издание на Интернационалнито фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Работилницата продолжува и во текот на денешниот ден (среда, 19 септември, 2012).
Настанот е во соработка со регионалната платформа за активизам „Лице в лице“, а дел од учесниците се студенти и средношколци кои беа учесници на претходни работилници на „Лице в лице“, од кои произлегоа три кратки видеа, кои, пак, на 21 и 22 септември ќе бидат претставени на Уличниот фестивал на активизам „Врева“ во Белград.
Чолаковиќ ги сподели своите искуства и мислења за информативни, емотивни и пропагандни соопштенија во фотографијата и во нејзините деривати, како филмот и телевизијата. Тој говореше за испраќачи и примачи на информации, дистрибуција на фотографски соопштенија, значењето на формата при емотивното соопштување, за граници на емотивното соопштување во фотографијата, како и за манипулација и контрола на дистрибуцијата на фотографските информации.
Покрај теоретскиот дел, учесниците на работилницата добија и практична задача. Тие ќе треба да изработат серија фотографии на одредена тема.
Како дел од регионалната платформа за активизам, „Лице в лице“ од неодамна во Македонија постои и истоимено списание на македонски јазик, кое го продаваат најранливите категории луѓе во нашето општество, децата од улица. Примерок од списанието чини 100 денари, а половина од оваа сума оди директно за продавачот, со што се помага тој да се тргне од улица.
„Лице в лице“ се продава на повеќе места низ Скопје, а се очекува поддршка од општествено одговорни компании, како и од сите луѓе кои го поддржуваат активизмот и на кои им е важно да се создава подобро општество.