Утре вечер (четврток, 20.12.2012 година), со почеток во 19:30 часот во Изложбениот салон на Уметничката галерија при Н.У. Музеј – Куманово, ќе биде отворена четвртата самостојна изложба на академскиот сликар, Александар Симоновиќ – Симо.
Со повеќе од 25 дела работени во периодот на 2011/2012 година во комбинирана техника, уметникот пред ликовната публика ќе ја претстави својата последна продукција со наслов „Еквилибриум“. Во своите најнови ликовни дела, визуелниот јазик го гради врз основа на геометриската апстракција која ја одразува естетиката и симболиката на универзаните симболи. Основната идеја е продолжение на досегашниот концепт, кој се базира на навидум едноставни, формално и колористички прочистени композиции, сведени на знаковност и архетип.
Александар Симоновиќ е учесник на повеќе групни изложби и ликовни колонии во земјава и надвор од неа. Добитник е на наградите за сликарство: „Борко Лазески“, 1995 година и „Нерески мајстори“, 2002/2003 – Ревијална изложба на ДЛУМ, Музеј на град – Скопје.
Дипломирал на ФЛУ, 1996 година во класата на професор Танас Луловски.
Изложбата за сите љубители на ликовната уметност ќе трае до крај на месец декември.