Промоција на романот „Ѓубре“ од Ирвин Велш во издание на Или-Или

Утре вечер (понеделник, 12.03.2012 година) со почеток од 21:00 часот во клубот Менада ќе се одржи промоција на романот  „Ѓубре“ од Ирвин Велш, во превод на Калина Јанева. Се работи за 57. книга во популарната едиција ПРОаЗА на издавачката куќа Или-Или, како и за прв превод од англиски на македонски јазик на дело на контроверзниот шкотски писател Велш, еден од предводниците на модерната генерација на британски писатели.

Објавувањето на овој роман е дел од Програмата за култура (2007-2013) на Европската унија. Книгата ќе ја претстави познатиот македонски режисер Срѓан Јаниќиевиќ. Вечерта ќе биде збогатена со музиката на еден од највлијателните британски бендови the Stranglers.

Токму затоа целиот настан е насловен како IRVIN WELSH & The STRANGLERS ( Nice & Sleazy Night), според големиот хит на the Stranglers.

За авторот

Ирвин Велш е роден во Единбург во 1958. На дваесет години заминал за Лондон за да биде дел од тогашната панк сцена. По дивиот период исполнет и со вандализам и ситни кражби, решава да се смири и да заврши факултет по информатика. Кон крајот на осумдесеттите се враќа во Единбург каде запишува постдипломски по бизнис администрација и каде, наводно, во паузи од пишување на тезата го пишувал својот прв роман, Броење на возови (1993). Освен Броење на возови, Велш има издадено уште шест романи, меѓу кои и Ѓубре (1998),  Порно (2002), Криминал (2008), кој е продолжение на Ѓубре, како и на неколку збирки раскази, драми и филмски сценарија.

За книгата

Ѓубре, третиот роман на Ирвин Велш, го следи постепеното пропаѓање на Брус Робертсон, единбуршки детектив кој го истражува крволочното убиство на Ефан Вури, новинар и син на африкански дипломат. Книгата започнува со детален и сликовит приказ на убиството, еден од ретките описи на физичко насилство во романот. Она што е насилно е самата книга. Велш го напаѓа читателот со својата брза, ритмична проза, му влепува в лице протагонист кај кого е речиси невозможно да се најде нешто допадливо: тој е пијаница, наркоман, хомофоб, женомрзец, расист, силувач и чист социопат.

Самиот Велш посочува дека политиката во последните децении ги задоила институциите со идеологија во која нема место за принципи, а единствената битна работа се резултатите. Кели потсетува дека дејствата на Брус подеднакво се раководат од истоштувачката доктрина на тачеризмот, блеровската економија и дехуманизирачката желба за моќ, профит и резултати, колку и од неговите расизам, шовинизам и хомофобија. Уште во првото поглавје читателот се соочува со манипулативните игри кои Робертсон секојдневно ги игра со своите колеги во една работна средина која во неговите очи е подредена по односи на моќ: „Игрите се единствениот начин да се преживее работата. Секој си е по малку суетен, по малку вообразен. Нема подобар од мене, Брус Робертсон, во игрите, на пример.”

You May Also Like