По успехот на „Се гледаме на врвот“ и „Стравот“, кои досега се продадоа во над 8.000 примероци и кои и понатаму се на врвот на топ-листата на најпродавани книги во Македонија, Коста Петров ја објавува својата трета книга – „Нашето последно кафе“ промовирана синоќа пред Книжарницата ТРИ во ГТЦ.
Следејќи ја линијата на своите две претходни книги, Коста Петров се осврнува на сопственото искуство и досегашните бизнис авантури и животни премрежија. Она по што тој е препознатлив, читан и ценет, се неговите лајтомотиви околу кои гравитира и ова дело: како да бидеме подобри и поуспешни како луѓе и како бизисмени, како да ги надминеме пречките кои нè ограничуваат, како да се ослободиме од навиките и луѓето кои нè влечат надолу со себе, како да го достигнеме мирот и да создадеме подобра верзија од себе. Но она што оваа книга ја прави поинаква од другите е што таа е резултат на болното соочување со краткоста и кревкоста на животот. Ова отрезнувачко искуство го поттикнува Петров уште еднаш да ги промисли своите искуства и ставови и да ги сподели со читателите.
Затекнат од загубата на многу блиска личност и соочен со кршливоста на животот, Петров решава да напише книга-обраќање, како потсетување дека животот се живее, а не се случува. Оваа книга е силно освестување да се разбудиме и да не го земаме животот здраво за готово, туку од него да направиме искуство вредно за живеење, приказна вредна за споделување, живот по наша мера. Споделувајќи ги своите животни искуства, иницијациски предизвици, мисли и размисли, авторот ни раскажува како да се соочиме со парализирачкиот страв, со предизвиците што ни ги сервира животот, да се справиме со луѓето кои нè повредуваат… Како да не се откажуваме од своите соништа, да го најдеме мирот и да направиме подобра верзија од себе.