На покана на Ансамблот „Зета“ од Голубовци, Црна Гора, Ансамблот за народни песни и игри „Бисери“ од Охрид, кој работи при Националната установа Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид и кој веќе 36 години е достоен амбасадор на македонскиот фолкор во светот, гостуваше во Голубовци од 9 – 11 Декември 2011 година.
Aнсамблот со задоволство ја прифати поканата за учество во програмата со отворање на 6-тиот овогодишен традиционален Божиќен базар, кој се одржа во трговскиот центар „Делта Сити“ во Подгорица, на 10. Декември, во организација на претседателката Меѓународниот клуб на жените, Јулијана Неделковска, сопруга на амбасадорот Александар Василевски, во соработка со странските амбасади.
Триесет минутниот настап со сплет на песни и ора од Преспа и Кичевско, на нашите фолклористи беше примен со големо воодушевување од страна на посетителите Базарот, присутни бројни амбасадори и меѓународни организации кои ја организираа оваа хуманитарна манифестација.
По настапот во „Делта Сити“ членовите на „Бисери“ за своите домаќини, членовите на КУД „Зета“ и бројни други граѓани од Голубовци, организираа традиционален македонски ручек со македонска храна и презентација на охридско вино во прекрасниот, хотелско-рекреативен центар „Плавница“ кој е сместен на брегот на Скадарско езеро, на 4 километри од Голубовци.
За време на ручекот на кој беа присутни и претседателот на Општината Голубовци, Душан Радониќ и амбасадорот на Република Македонија во Црна Гора, Александар Василевски.
Вечерта на 10 декември Ансамблот „Бисери“ со богата културна програма (песни и ора) се претстави пред бројната локална публика, во која имаше и наши граѓани кои живееат и работат во Подгорица. Концертот се одржа во салата на локалниот Дом на култура.