Вчеравечер, (четврток, 19 јануари 2012 година) одличен прием при светската премиера на Првиот став од Концертот за пиано и оркестар, кој што нашиот композитор Дамир Имери го посвети на Симон Трпчески, кој меастрално го изведе.
Овации и публика што аплаудира во такт со „Скопското оро“ на бис, беа резултат на синоќешниот настап во Ставангер, Норвешка на нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, кој заедно со Симфонискиот оркестар на овој град под диригентската палка на маестро Алан Бурибајев од Казахстан, по исполнувањето на клавирскиот концерт на Равел, ја праизведе „Фантазијата на две фолклорни теми“ – првиот став од Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери. Авторот и самиот со своето присуство ја збогати премиерната изведба.
Впечатоците од синоќешниот блескав концерт, тројцата главни протагонисти ги сумираа во изјавите за Македонското радио:
Дамир Имери: „Чувството е навистина посебно. Значи, кога било кој композитор ќе напише нешто, тоа е ништо додека музичарите не го оживеат и додека публиката не го восприми. А кога, како во овој случај, публиката ќе ја прими музиката тотално, јас се предавам за понатаму и мислам дека ќе продолжам да пишувам и се’ ќе биде како што треба. Иако имаше малку време за проба, се работи за искусни професионалци. Диригентот беше многу добар, имавме одлична соработка и мислам дека беше супер. А за солистот – нема дискусија: Симон е перфектен музичар но и човек. Морам да му заблагодарам бидејќи ако не беше тој, ова немаше да се случи.“
Диригентот Алан Бурибајев се познава со Трпчески повеќе од 6 години и во комбинација со врвни светски оркестри настапувале многу пати. За синоќешниот проект појаснува: „Симон ми предложи да го поставиме македонското дело наречено „Фантазија на две фолклорни теми“ од Дамир Имери, кој се покажа дека е многу, многу добар композитор. За мене ова беше многу интересна соработка. До сега, за жал, не сум работел на никакво музичко дело од Македонија, па ова беше своевидна премиера и за мене. Кога ја слушнав мелодијата, веднаш ја засакав.
Дамир е многу талентиран и има изразена дарба за мелодија и нејзина хармонизација, користејќи ги познатите фолклорни теми од Македонија кои ги става во многу интересни хармонски колажи и позадини. Делото е изработено мајсторски и му предвидувам светла иднина не само во изведба на Симон, туку и од други пијанисти кои што ќе го откријат.
На тој начин луѓето уште повеќе ќе дознаат за Македонија. Симон е вистински културен амбасадор на земјата и со него Македонија станува многу важна културна дестинација на глобалната светска мапа. Затоа, се надевам на уште многу интересни соработки со Дамир Имери и Симон Трпчески.
Симон Трпчески: „… на овој настан навистина бев среќен и возбуден бидејќи се случи светската премиера на делото на Дамир Имери „Фантазија на две фолклорни теми“.Толку, толку сум исполнет што не можам да опишам. Норвежаните уште од првиот момент не’ примија со огромен ентузијазам и почит. Музичарите предводени од диригентот Бурибајев, иако им беше комплицирано, сосема се внесоа и дадоа се’ од себе за првата изведба да биде достоинствена. Навистина сум им благодарен ним и на Дамир со оваа негова посвета за мене, па изведбата на „Скопското оро“ (во аранжман исто на Дамир Имери) на бис, беше само „шлаг на музичката торта“. Многу ми е мило што полната концертна сала во Ставангер реагираше на еден многу искрен и топол начин, со аплаузи во такт и мислам дека ова е една убава мотивација и прекрасен среќен почеток за ова дело пред неколкуте изведби што следат во текот на пролетта“.
Инаку, првиот став од концертот што во моменталната варијанта се нарекува „Фантазија нa две фолклорни теми“, по премиерата во Норвешка ќе се изведе уште 5 пати во првата половина од годинава и тоа на три континенти: во Загреб, Сиетл, Пекинг, Гвангжу и Познањ.