„Визуелни сегменти“ во Мала станица

Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, утре вечер (четврток, 13 декември 2012 година), со почеток во 20:00 часот ќе се отвори изложба со наслов „Визуелни сегменти“, на уметниците  Лидија Петковска, Сандра Пешевска Мицковска, Македонка Змејкоска – Петковска и Сарита Конеска.

Изложбата насловена Визуелни сегменти претставува четири различни авторки, секоја со различен пристап во третманот на ликовноста, поаѓајќи од првичниот импулс на личното доживување на целокупното наше опкружување. Визуелни сегменти е именител кој ги поврзува овие уметнички, при што како појдовна точка на визуелното толкување се сегменти од секојдневието, урбаната средина и природата, која ги обединува насоките во размислувањата на авторките.

Пред јавноста се презентираат со дела во кои се забележува користење на различни медиуми како израз на нивната инспирација, почнувајќи од слики (масло на платно), преку дигитални фотографии (отпечатени на платно), објекти, па се до инсталации. Секоја од нив, во согласност со своите афинитети и ликовен ракопис, ни дава свое видување на животот како движење.

Лидија Петковска, во нејзините слики и објекти фокусот го базира врз единството на се што постои, има свој почеток и крај, со намера да ги вклопи антонимите контраст и хармонија, совршено и несовршено, кои во својата спротивставеност ја создаваат комплетната слика. Делата се комбинација од сликарски и несликарски техники и материјали, со употреба на делови од огледало, акрилен силикон, полиестер…

Сандра Пешевска Мицковска во своите дела се инспирира од секојдневните животни активности, откривајќи ја визуелната феноменологија на еден вообичаен чин – готвењето. Преку чинот на готвењето ги истражува сензациите предизвикани од мешањето на неспоивите материи – масло и вода (додавајќи и сол), кои во комбинација со топлината создаваат неповторливи визуелни форми што уметницата ги документира. Решението за употреба на дигиталната фотографија како најадекватен медиумски израз е со намера за што поавтентично и пореалистично прикажување на статичната состојба на нешто што е во константно движење, во конкретниот случај материјата.

Македонка Змејкоска – Петковска поставува инсталација која во себе содржи три целини и е пренесување на заборавената природа со облик на дрвја во мал затворен простор, составувајќи мала колористички осмислена „шума“. Со тоа сака да ни укаже на значењето на поврзаноста со природата која сме ја ставиле на второстепена позиција, а преку нејзината интервенција врз материјалот не соочува со урбанизираното „гушење“ и бегање од заборавената природа.

Сарита Конеска го следи ликовниот пат до сликата започнувајќи од еден ритуал на собирање обични, секојдневни употребни предмети (текстилни облеки, обувки и слично), вклучувајќи и отпаден материјал (индустриски производи, амбалажа, паковки, итн.) што ги вклопува во една целина со нова намена при што се добиваат визуелни креации со елементи на колаж и асамблаж. Сликата станува показател на внатрешната состојба на духот и душата, врзувајќи се за субјективното, емотивното, но и рационалното уметничко изразување.

 

You May Also Like