Денеска (петок, 12 април 2013 година), од 19:30 часот во галеријата на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложба на дела од ликовната колонија Михајлово од Кавадарци.
На изложбата ќе бидат изложени 22 дела (избор од двете колонии од 2011 и 2012 година) од реномирани уметници – учесници на колонијата од земјата и странство. Ќе бидат претставени дела од уметниците Трајче Блажевски, Татјана Медарова, Тони Чатлески, Виталиј Бондаренко, Анка Данаиловска, Гордана Талевска, Светлозар Захариев, Ана Јанева и други, од Македонија, Бугарија, Украина…
Изложбата, што ќе ја отворат градоначалниците на двата града Марјан Ристески и Александар Панов, во рамките на културната соработка, ЦК,,Марко Цепенков“ ја реализира со Домот на културата ,,Иван Мазов – Климе,, од Кавадарци кој е организатор на колонијата.
Ефтим Клетников за колонијата ќе рече: ,,Еве не пред делата на ликовната колонија ,, Кавадарци – Михајлово,, Презентирани тука за да сведочат за Убавината, онаа која според големиот утопист Достоевски ќе го спаси светот. А тој свет со новите технологии и филозофијата на материјалниот профит, рака на срце, е се подалеку од неа и од Уметноста…
Сликари од Македонија, Украина, Полска, Хрватска, Србија, Турција, Словенија и Бугарија, последните две години застанаа во Кавадарци, пред белиот метафизички простор на платното, за да го исполнат инспиративно, покажувајќи ја моќта на својот талент со обоени соништа и возбудливи ликовни фантазии,,.