Манифестација „Уметник на годината“ во организација на Остен

Од оваа година „Остен“ започнува со организирање на нов настан – манифестацијата Уметник на годината. Генерална цел е да се афирмира ликовната дејност во Македонија преку создавање на креативни и стимулативни форми на соработка помеѓу „Остен“ и македонските уметници.

Минатата година меѓу многубројните соработки воспоставени со македонските ументици, ја издвојуваме соработката со Тони Шулајковски, кој имаше јубилејна изложба во Галерија Остен (20 години творештво) и по тој повод подари 20 дела кои се сега во колекцијата на Остен, а зеде учество и на Светската галерија на цртеж – Биенале на цртеж, Скопје 2012. Имајќи ја во предвид до сегашната успешна соработка, а особено можностите и плановите за понатамошна соработка, Остен го прогласува Тони Шулајковски за „Уметник на годината 2012“.

Во рамките на манифестацијата, се доделува и Награда за животно дело на уметник кој го достигнал врвот на своето творештво и постигнал значителен успех (во земјата и меѓународно) во својот професионален живот, а со кого Остен имал одлична соработка и негови дела се наоѓаат во колекцијата на Остен. Минатата година остваривме извонредна соработка со Трајче Јанчевски, уметник на кој во 1998 му беше доделен Златен медал – француски орден за чест и углед во уметноста од Академијата за уметност на Централна Европа во Париз, па во рамките на манифестацијата ОСТЕН му доделува Награда за животно дело.

Наградите на уметниците ОСТЕН ќе ги додели вечерва (понеденик, 29.04.2013) во 19:30 часот во Галеријата Остен, каде ќе биде изложена поставка од дела на наградените автори, како и дела на други македонски автори – соработници на ОСТЕН.

You May Also Like