Велес доби нов театар

Премиерот Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска го пуштија во употреба новиот објект на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес …

По неколку години градба и исклучително комплицирани околности на светска и економска криза, како што рече Груевски, сепак успеавме да ја завршиме изградбата на Театарот.

– Во овој објект се инвестираа околу 12 милиони евра и тој е еден од најсовремените во Македонија. Театарот ќе биде место каде од есен велешани и сите љубители на театарот од земјава ќе можат да уживаат во театарските претстави и во оваа прекрасна театарска зграда, потенцира Груевски.

Ова, како што потенцира, беше наше ветување и ние го исполнивме.

– Јас сум човек кој е израснат во театарот, меѓу публиката и актерите. Јас и покрај економската криза, светска и европска, и намалениот прилив во буџетот на нашата Влада, во ниту еден момент немав дилема дека театарот ќе се заврши, потенцира премиерот Груевски.

Министерката за култура потсети дека по 66 години историја на велешката театарска институција чии нишки, како што рече, беа повлечени уште во 1874 година токму од Јордан Хаџи Константинов-Џинот и првата жена актерка Тинка Коларова, го промовираме новиот објект на театарот во Велес.

026 otvor teat veles

– Велес добива современ, исклучително функционален, технички и технолошки супериорен објект од 4.200 метри квадратни, опремен согласно највисоките светски стандарди. Проектиран е и изведен со јасно дефинирана цел, да им служи на уметниците и на граѓаните на Велес, истакна Канческа-Милевска.

Потсети на доајените на македонскиот театар кои потекнуваат од Велес, Петре Прличко, Тодорче Николовски, Јосиф Јосифовски, Борис Бегинов…

– Во изградбата на Театарот во Велес, како и во многу други капитални инвестиции на Владата е вложена голема стручност, посветеност и истрајност, голема поддршка на граѓаните, големо разбирање на политичките структури и најважното голема љубов од сите нас да создадеме дело кое ќе биде наследство за идните генерации, потенцира Канческа-Милевска.

 

 

You May Also Like