Промоција на книгата „Дијалектите на македонскиот јазик како нематеријално културно наследство – стручно-правни аспекти“ на м-р Александар Јорданоски на 5 октомври 2022 (среда), од 12 часот, во објектот Порта Македонија.
Модератор на промоцијата на книгата ќе биде д-р Марјан Патлиџанковски, додека промотори на истата се проф. д-р Михајло Марковиќ од Државниот универзитет во Тетово и м-р Ивона Опетческа Татарчевска од Управата за заштита на културно наследство.
За своето дело Јорданоски вели: „Книгата „Дијалектите на македонскиот јазик како нематеријално културно наследство – стручно-правни аспекти“ е резултат на мојата повеќегодишна работа на оваа проблематика како советник за јазик и топоними во Управата за заштита на културното наследство (2005 – 2012) во соработка со д-р Убавка Гајдова (1965 – 2014), научен советник и раководител на проектот Македонски дијалектен атлас при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Јован Ристов (1949 – 2018), авторот на првиот македонски Закон за заштита на културното наследство и основач на Управата за заштита на културното наследство, и двајцата неприкосновени бардови во своите области. Во оваа прилика им изразувам длабока постхумна благодарност!“
Извадок од книгата… „Имајќи предвид дека нематеријалното културно наследство не е ограничено со државни граници, односно определени македонски дијалекти излегуваат надвор од границите на Република Македонија, а Законот за заштита на културното наследство е ограничен на државните граници, притоа, имајќи го фактот дека соседните држави, кои, исто така, ја имаат ратификувано Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство (Бугарија 2006, Албанија 2006, Грција 2007 и Србија 2010), се очекува позитивен приод кон видот културно наследство што ги нуди препознатливите показатели за еден народ и доследно и практично спроведување на Конвенцијата на УНЕСКО, продолжувајќи го патот на демократичноста што го применува Република Македонија.“