„Етно-ризница“ поезија за најмалиот етнолошки музеј на светот

Денеска (18 октомври, четврток, 2012) ќе биде промовирана книгата „Етно ризница“ од Симеон Златев – Моне, основач и домаќин на Најмалиот етнолошки музеј во светот, село Џепчиште, Тетовско. Станува збор за поезија инспирирана од 33 експонати од Музејот. Промоцијата ќе се одржи 12:00 часот, во националниот ресторан „Македонска куќа“ во Скопје (спроти поранешна „Алумина“).

Книгата е втора збирка поезија на Моне и негова четврта книга, по „Етно бројница“ (поезија), „МОНЕграфија“ (каталог на предметите од Најмалиот етнолошки музеј во светот) и „У катакомбете на Тетоо“ (хумористично-сатирични минијатури инспирирани од животот во Тетово и Тетовско).

Симеон Златев – Моне, e основач и домаќин на Најмалиот етнолошки музеј во Светот, сместен во неговата викендичка во с. Џепчиште, Тетовско. Шармантен џентлмен и креативен дух кој не знае да запре, без разлика со што се знаимава во моментот. Таков бил и во помладите години, како тазе архитект, кога бил менаџер на бенд и автор на хумористично-сатирична радиоемисија во Тетово; кога реди спонтана поставка за гостите во Музејот, кога е пред хартија и пишува стихови.

Книгата е посветена на Драги Неделчевски, долгогодишен фото-хроничар на Најмалиот етнолошки музеј во светот. Промотор ќе биде Васко Марковски, новинар и филолог, кој заедно со авторот ќе чита стихови од збирката. Програмата на промоцијата ќе ја збогати музичарот, поет и професор на Филолошкиот факултет, проф. д-р Владимир Мартиновски, кој ќе настапи со езгии на кавал и тамбура и, се очекува да каже куса беседа за делото.

Амбиентот ќе го дополни и малата закуска со македонски национални јадења од домаќинот на настанот, националниот ресторан „Македонска куќа“.

You May Also Like