Музејот на холокаустот – спомен на загинатите Евреи од Македонија

На Балканот луѓето се сеќаваат. На 11 јуни десетици илјади луѓе се собраа во Сребреница, во источна Босна, на годишнината во сеќавање на 8000 босански муслимански мажи и момчиња кои беа убиени во 1995 г., од страна на силите на босанските Срби.

Во Скопје, главниот град на Македонија, изгледот на центарот се менува од новите споменици. Минатиот месец беше подигнат споменик на Александар Македонски. Тој е опкружен од други споменици на владетели и владики, политичари и светци.

Не е невообичаено што вниманието на светот се сврти кон неодамна убиените и прашината која се дигна околу политички полниот со набој споменик на Александар, за кој Грција силно се противи. Но, на пет минути пешки од тој споменик имаме друг начин на сеќавање. На почетокот на годинава Скопје им се приклучи на Ерусалим, Берлин, Париз и Вашингтон со отворање на музеј посветен на холокаустот. Тој оддава почит кон македонската еврејска заедница, која речиси беше целосно истребена за време на Втората светска војна.

Иако судбината на Евреите од Полска до Франција, па дури и на оние од Солун, во грчкиот дел на историска Македонија, е релативно позната, судбината на Евреите од поранешниот југословенски дел на Македонија не е. Евреите живееле тука уште од времето на Александар, вели директорот на музејот, Горан Садикаријо, но нивната историја драстично се променила по протерувањето на Евреите од Шпанија и Португалија по 1492 г. Голем број на бегалци ја прифатиле поканата да се населат во отоманските територии вклучувајќи ја и Македонија. Тие живееле во Скопје, Штип и особено Битола, која што била позната под името Монастир, и говореле ладино, или јудео-шпански јазик.

Во 1943 г. Бугарите, кои ја окупирале Македонија (а кои ги заштитиле нивните еврејски граѓани), собрале и депортирале 7148 македонски Евреи во концентрационите логори на Треблинка. Ниеден од нив не се вратил. Еврејското население кое броело 8000 се намалило на само 350 по војната. Денес заедницата брои околу 200 лица.

Првото нешто кое посетителите ќе го забележат е споменикот со дигитални фото рамки со слики од покојните кои се менуваат, како и 3500 фотографии за идентификација кои Бугарите ги барале од Евреите од Битола. Музејот се’ уште не е завршен, но денес главната изложба ја оцртува историјата, не само на македонските Евреи, туку и на оние од другите делови на Балканот и особено од поранешна Југославија. Тоа што прво паѓа в очи, во споредба со музеите во Париз и Берлин, да речеме, е недостигот на предмети. Заедницата толку детално била истребена што речиси ништо не останало, вели г. Садикаријо.

Со децении местото каде што денес се наоѓа новиот музеј било старата автобуска станица. Целиот тој простор, којшто горе – долу бил празен, било старото еврејско маало во Скопје, чии куќи се срушиле во разорниот земјотрес од 1963 г. Кога македонската влада пост – комунистичката програма за денационализација на имот пред речиси една деценија, беше констатирано дека нема наследници на голем дел од поранешниот имот на Евреите. Па затоа се основа фонд којшто на крајот прерасна во музеј.

Сеќавањето на оваа заедница е спасено од заборав на начин кој не е ни претенциозен, ни политички, ниту пак полн со сирови чувства. Можеби во иднина ќе служи за пример на модел за трезвено сеќавање на Балканот.

Преземено од The Economist.

You May Also Like