Во тек се археолошките ископувањата на неолитската тумба во Могила. Овој локалитет претставува една од најкомплексните неолитски населби во Пелагонија, што пак заслужува многу подетално проучување и анализа на културното наследство поврзано со овој период и регион.
Истражувањата на македонскиот и словенечкиот тим, предводени од Гоце Наумов (Универзитет „Евро Балкан“) и Аленка Томаж (Универзитет при Приморска), се насочени кон утврдувањето на материјалната култура и општествените форми на неолитските заедници кои ја основале и развивале оваа населба.
Притоа, се ископува периферниот дел на тумбата, со цел да се востанови начинот на живеење во граничните зони на населбата, односно меѓу нејзиниот центар и мочурливата околина. Резултатите од истражувањата значително ќе придонесат во темелното разбирање на социјалните и симболичките процеси манифестирани преку архитектурата, садовите, фигурините и алатките на првите земјоделски заедници во Пелагонија. Покрај археолошките активности, истражувачкиот тим заедно со локалната самоуправа и вработените во училиштето „Гоце Делчев“ во Могила, се насочени и кон запознавање на месното население и учениците со предисторијата на општина Могила. За таа цел, предвидени се предавања во општинската зграда, како и работилници со учениците, со што ќе се зголеми интересот на локалното население за зачувување и презентирање на предисториското културно наследство во Пелагонија.