Полицијата денес го уапси основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, кој од 2012 година се криеше во амбасадата на Еквадор во Лондон.
Полицијата соопшти дека тој пред малку бил уапсен откако амбасадата на Еквадор се откажала од тоа тој да се крие во нејзините простории каде што важи екстериторијалност.
Асанж е под прогон од повеќе влади и држави, поради објавување на класифицирани информации на неговата платформа Викиликс. Тој во 2012 доби азил од Еквадор, но поради неможноста да стигне во оваа земја, се криеше речиси 7 години во амбасадата на Еквадор во Лондон.
Апсењето од страна на британската полиција следува откако Еквадор одлучи да му го укине азилот на Асанж.Според канадски медиуми полицијата била поканета во амбасадата откако еквадорската влада го повлекла азилот. Оваа верзија ја потврди и Википедија, негирајќи дека Асанж сам ја напуштил амбасадата.
Тој е однесен во станица во централен Лондон, пред да биде изнесен пред судија.
Службената основа за апсењето е прекршување на кауцијата од страна на Асанж. Налогот за апсењето на Асанж е од јуни 2012, отприлика истиот период кога тој се засолнува во амбасадата на Еквадор во Лондон.
Првите посериозни пукнатини во односот меѓу Асанж и неговите домаќини се појавија минатата година кога претседателот на Еквадор изјави дека тој на крај ќе мора да ја напушти амбасадата и откри дека веќе се разговарало со британските власти за ставање крај на азилот.
Во петокот беше објавено дека на Асанж му остануваат уште неколку „часови или денови“ од гостопримството во амбасадата.