Во Ликовниот салон на МАНУ вечерва (четврток, 11 април) од 20 часот ќе биде отворена изложба на околу 80 оригинални дела од 17 уметници од 20 век членови на Академијата на науките и уметностите на Босна и Херцеговина.
Делата се сопственост на Уметничката галерија на Босна и Херцеговина која изложбата ја организира во партнерство со нивната Академија, а авторка на поставката во МАНУ е Аида Абаџиќ-Хоџиќ.
До 22 април ќе бидат претставени дела на најстарата генерација автори кои се школувале меѓу двете светски војни – Исмет Мујезиновиќ, Војо Димитријевиќ, Иво Шеремет и Мица Тодоровиќ; и со по едно или повеќе дела ќе бидат застапени и Антун Аугустинчиќ, Недељко Гвозденовиќ, Божидар Јакац, Бошко Куќански, Џевад Хозо, Бекир Мисирлиќ, Афан Рамиќ, Петар Перица Видиќ, Мехмед Заимовиќ, Слободан Брацо Димитријевиќ, Фрањо Ликар, Сафет Зец и Јагода Буиќ.
Критериум за изборот не била некоја естетска линија, туку идејата да бидат претставени најдобрите автори и нивните најрепрезентативни дела. Во специјално подготвен каталог на босански, македонски и на англиски јазик претставени се 17-те застапени автори, нивните биографски податоци и карактеристиките на нивното творештво.
Во план е и возвратно гостување на дела од уметници членови на МАНУ, во октомври во Сараево.