Договорот за Брегзит е голема победа за Ирска која никој од Велика Британија не ја очекуваше. На ирската Влада поради тоа и порасна репутацијата во земјата и во странство.
Ирска е поврзана со Британија со заедничка историја, испреплетени економии и границата со Северна Ирска, поради која преговорите за Брегзит се одолговлекуваа со месеци.
Некои заговорници на „тврд“ Брегзит тврдеа дека Ирска едноставно ќе прифати каков било договор за Брегзит, што предизвика огорченост кај многу Ирци и придонесе за зајакнување на нејзината решеност во преговорите да го постигне тоа што го сака.
Во центарот на спорот беше правната гаранција дека границата меѓу Северна Ирска и Република Ирска ќе остане отворена, таканаречен „бекстоп“ или безбедносна мрежа, на кој инсистираше ирскиот премиер Лео Вардакар и неговите европски сојузници, а Британија на крајот безволно и со голем отпор се согласи.
Ирска беше против Брегзит и се плаши од неговото влијание врз трговијата со Велика Британија, нејзиниот најголем економски партнер, и евентуална дестабилизација на северноирскиот мировен процес кој заврши со мировниот договор постигнат на Велики Петок 1998 година, со кој беше прекинато насилството кое траеше три децении.
Поддршка од сите поголеми партии
Кога беше објавен предлог договорот за Брегзит, ирските политичари од целиот политички спектар го фалеа како најдобар можен резултат за Ирска, токму спротивно од длабоките поделби што завладеаја во британскиот Парламент.
– Сите клучни приоритети на ирската Влада беа одразени во договорот за разделба, рече Ејтен Танам, професорка на Тринити Колеџ во Даблин.
– Треба да се истакне поддршката на сите главни партии во ирскиот Парламент за владината политика кон Брегзит од самиот почеток на процесот за излез на Обединетото Кралство од ЕУ, рече таа.
Ирската Влада сега на меѓународната сцена има поголема тежина и се здоби со репутација на мудар преговарач, додека престижот на Велика Британија истовремено се намалува.
– Местата се заменија. Британија, а не Ирска, е релативно мала и изолирана земја, оцени ирскиот колумнист Финтан О’Тул во колумна во „Гардијан“.
– Ирска, а не Британското Царство, на своја страна ја има моќта на големиот мултинационален блок, рече тој.
„Опасна нестабилност“
Додека Британија потона во политички хаос по референдумот за Брегзит во 2016 година, ирската политика е проткаена со чувство за единство кога станува збор за националниот интерес.
Малцинската Влада на Вардакар предводена од партијата на десен центар Фине Геил теоретски е ранлива поради својата зависност од опозициската партија на левиот центар Фиана Феил со која има договор дека ќе ја поддржува во гласања за доверба и буџет.
Но двајцата долгогодишни соперници се договорија дека ќе го продлабочат својот пакт до крајот на преговорите за Брегзит.
– Избори за време на овој клучен период би предизвикале опасна нестабилност, оцени лидерот на Фиана Феил Мајкл Мартин во писмо до премиерот во октомври.
Партијата на Вардакар на анкетите е во сигурно водство и тој е еден од неколкумината очигледни победници во целиот тој хаос околу Брегзит.
Кога минатата недела беше објавен предлог-договорот за Брегзит, Вардакар се воздржа од ликување и смирено изјави дека тоа е „еден од подобрите денови во политиката“.
Ирска е во „срцето на ЕУ“
Ирска имаше четири приоритети во преговорите – да се заштити мировниот процес, да се зачуваат правата на патувања договорени со Британија и да се минимализираат економските последици од Брегзит, и на крајот да го потврди своето место во „срцето на Европската унија“.
Свесна дека наскоро ќе остане изолирана на работ на трговскиот блок, ирската Влада стави поголем акцент на своето членство во Унијата со изрази на солидарност.
А испитувањата на јавното мислење сугерираат дека повиците на заговорниците на „тврдиот“ Брегзит Ирска да ја следи Британија и да ја напушти ЕУ не наидоа на плодно тло.
Испитувањето на агенцијата „Ред Ц“ спроведено претходно годинава, покажа дека 92 отсто од Ирците сега поддржуваат останување во ЕУ, наспроти 88 проценти минатата година.