„Рециклирачка мода“ е насловена модната ревија, која вечерва (петок, 24 август) во 22:00 часот ќе биде поставена под ведро небо на Широк Сокак, во Битола како дел од 11-тото издание на Интернационалниот младински арт фестивал „Битола отворен град 2012“.
Авторот е Катарина Рашиќ од Србија, која по дипломирањето на Факултетот за ликовна уметност во Белград, таа се занимава со сликарство и скулпторство. Нејзина потесна специјалност е креирање на фустани од рециклирани материјали. Со вакви креации се има претставувано на повеќе групни и самостојни изложби и модни ревии. Во Битола ќе се претстави преку самостојна модна ревија.
По модната ревија, на Широк сокак ќе биде поставено и уличното шоу на познатиот италијански аниматор, жонглер, акробат, кловн и театарски уметник Адо Сана-Адолиери. Тој уште од својата 14-та година е миленик на публиката. Се занимава и со едуцирање на млади жонглери, но познат е и по тоа што работи на олеснување на комуникацијата помеѓу социјални групи и институции, како локалната самоуправа, здруженијата на граѓани и социјалните сервиси во Сардинија.
Дел од денешната фестивалска програма е и работилницата и изложба за фотографија на Alessandra Spano од Италија, која ќе се одржи во 18:00 часот во Кафе бар “Porta Jazz”. Насловена “4 faces_ cubi fotografici” работилницата ќе го претстави процесот на раѓање на фотографијата.