Радован П. Цветковски: Дедо ми и неговите приказни се виновни што сум писател

Цветковски на македонската книжевна сцена е присутен педесет години, зад себе има педесетина книги, многу награди и признанија. Годинава е добитник и на „Книжевниот жезол“, награда што Друштвото на писателите на Македонија ја дава во рамките на престижната меѓународна поетска манифестација „Празник на липите“, што ќе се одржи на 5 јуни (среда) во просториите на ДПМ.

Радован П. Цветковски е роден во с. Сопотница, Демирхисарско, 1931. Работел како учител во неколку демирхисарски училишта, а од 1959 учителствува во основното училиште „Тодор Ангелевски“, во Битола каде што живее и денес. Неговото богато творештво опфаќа преку четириесет книги и тоа: збирки поезија, збирки раскази, критики, проза за деца и млади, книги од областа на фолклористиката, дијалектологијата и други книги. Некои од неговите збирки поезија се: „Моето подебје“ (1971), „Кругови од лузни“ (1974), „Бели несоници“ (1982), „Даги“ (1999), „Сонето претчувство“ (2006), „Потпрено небо“ (2012) итн.

Неговата поезија е преведена на англиски, руски, француски, фламански, послки, турски, бугарски и други јазици. Добитник е на повеќе награди и признанија. Член е на Друштвото на писатели од Македонија, на Македонското научно друштво – Битола и Дрштвото на фолклористите на Македонија.

Со децении сте присутен на книжевната сцена и во прозата, и во поезијата и во литературата за деца, каде се чуствувате најсвој?

  • Кај мене сè почна со приказните на дедо ми Стојче и стрико ми Трајан-приказничарите. Но тие не успеале во сè.Човек со човек, човек од човек. Да се стои пред прашањето за литературата како писател што има над педест книги, опус- проширено авторство и од поезија и од проза, со посебност и од литераурата за деца, не може да биде едноставна таквата книжевна поставка. Влече обврски врз себе. Треба и начитаност, поткрената на критичко ниво и оценка, од една страна, но и со познавање на книжевната стожерност од друга страна, сосе поставката од тема во однос на неа и на стилот и јазикот за да биде писателот баран и читан. Особено ова го нагласувам кога се во прашања читателите деца од нивниот влез во основното училиште, каде треба да бидат насочувани и од просфесорите по литература. Тука се става почетокот. Има причини и за нагоре и за надолу. Сега одговорот на поставеното прашање каде се чувствувам најсвој. Таму каде што успевам, а до таму се стасува со работа.

Колку фолклорот и вашата пасија кон него влија врз вашето творештво?

  • Почнав со поезија. Првата песна ја напишав и ја објавив на гимназискиот ѕиден весник во интернатот на Гимназијата „Гоце Делчев“.Тоа беше некаде на почетокот од ноември 1944. Од името на училиштето не остана ништо, Го снема. Во него почна со работа Учителската школа „Браќа Миладиновци“. Нас нè префрлија во Гимназијата „Гоце Делчев“,подоцна преименувана во Гимназија „Јосип Броз -Тито“. Фолклорот и пасијата кон него беше ме опфатила уште во ученичките години. Како дојде до тоа? Дојде преку приказните на дедо Стојче. Секоја вечер заспивав со приказните уште од мојата петта година. Стасуваа приказните и до моите другари, па дојде песната „Лакомијот“, судирот со професорот Филип Каваев, не полагав завршен испит и без тоа се запишав во Учителската школа.. се разболев-почнаа моите маки. Кога почна следењето на Венко Марковски, книгата „Порои“ ја скрив во ковчегот од мајка ми Бисера, без да знае таа.Учителската школа ја дозавршив во „Никола Карев“ Скопје.Така се случи и со Вишата педагошка школа и Философскиот факултет, група југословенска книжевност, македонски и српски јазик и теорија на книжевност. Тоа што сум писател виновен е дедо ми и неговите приказни. Записите ги нареков –сказанија (сега во десеттомното издание анегдотски кажувања). Првата анегдотска приказна ја запишав во Битола, на демирхисарски дијалект.

Како од временска дистанца гледате и како ги читате вашите први објави?

  • Како? Како повторно да си се родил. По толку години многу нешата се заборават. Како повторно да се вљубуваш. И во таа вљубеност кон народното творештво премолчуваш, коментираш. Во сето тоа како да дојде волјата да се запише она што може да му се земе на времето за да не се заборави. Почанав да запишувам помали приказни. Така се родија двата тома „Сказанија демирхисарски“. Сè со времето. Што време, тоа и се јаде. На посебен пиедестал биле патриотските стихови. Се јавуваш кога требаше. Навраќањето на некогашноста внесува вознемиреност што поткрева спомени без да се дели мигот, многудалечноста од сегашноста. Песната „Лакомијот“ и анегдотата „ Загоричанецот и битоўскиот продавач“ имаат посебно место во моето творештво.

Освен детството и родниот крај, како водечки мотиви се јавува и родољубието, колку таквата поезија е потребна во денешно време?

  • Имам патриотска поезија- кој ја нема? Нема писател без таква поезија. Сè доаѓа со времето, па и ова. Кога, како, колку од тоа ќе стане потребно, останува да видиме. Меѓутоа во македонската книжевност повеќе нема да имаме онаква поезија каква што имавме до сега.

Кои автори и дела влијаеа врз вашиот лирски вкус?

  • Ова е широко прашање – Кој и на што може да се присети во период од педесет години. Имало многу шпанска поезија, бугарската, француската, српската, француската и др.

Каква литература читате во овој период од животот и колку ги следите вашите современици?

  • Она што се нуди во малкуте списанија, но тв радио не слушам и не гледам. Читам научна литература. Истражувам во народното творештво:јазик, дијалект за да чува и да се дочува-сопственото. Никогаш не сум читал сè и сешто, тоа вистинското, уметнички успешното треба да се стимулира.

Што за вас значат книжевните награди како „Книжевен жезол“?

  • Почит и поттик. Ви благодарам што најдовте време за мене и другите како мене. Се обидов да смалам од болките за книгата и книгата што останува сама.

Александра Јуруковска

You May Also Like